Додека кај нас со месеци се најавува дека ќе стигнат „зелени“ автобуси, дека градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ќе донесе трамвај со гумени тркала, во Луксембург од денеска јавниот автобуски сообраќај е целосно бесплатен.

Како што објави Шилегов, кон средината на март ќе стигнат првите автобуси на гас за ЈСП „Скопје“ од германскиот производител „МАН“. Од ЈСП велат дека деновиве тим од возачи ќе замине во Загреб на обуки.

Луксембург, пак, стана прва држава која вовела целосно бесплатен систем на јавен превоз, додека владата се обидува да го растовари густиот сообраќај на автомобили. Приватни автомобили се најкористен облик на превоз во земјата. Според едно истражување од 2018 година, 47 отсто од патувањата на работа се прават со автомобил, а само 32 отсто со автобус, односно 19 отсто со воз. Колку за споредба, 69 отсто парижани одат на работа со јавен превоз.

Со само 614.000 жители, Луксембург е една од најмалите држави во Европа, но и озлогласена по својот сообраќаен метеж. Од денеска, за возење со автобус, воз и трамвај веќе не е потребен билет.

– Владата сака Луксембург да стане лабораторија за мобилност, изјави министерот за транспорт Франсоа Бош, додавајќи дека населението во државата се зголеми за 40 проценти во последните две децении.

Околу 200.000 луѓе, речиси половина од работната сила на Луксембург, секојдневно патуваат од Белгија, Франција и Германија, привлечени од повисоки плати и богата економија.

Цената на проектот ќе изнесува 41 милион евра, колку што државата ќе изгуби од купените билети, но тоа ќе биде покриено од буџетот.

– Се разбира, тоа што го нарекуваме бесплатен не значи дека никој не го плаќа, додаде Бош.

Превозот и досега не беше многу скап: две евра за едно возење, односно двојно повеќе за дневна карта, додека државата ги субвенционираше годишните билети на работниците.