Со една година затвор ќе бидат казнети сите прекршители на полицискиот час кој е воведен во Македонија, предупреди Јавното обвинителство.
Граѓаните кои без дозвола ќе се движат од 21 часот до 6 часот наутро, ќе бидат обвинети за истото кривично дело по член 206 од Кривичниот законик – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, како оние што се во изолација, а излегуваат надвор, велат од ЈО.
Секој кој нема да го почитува полицискиот час, ќе се смета дека шири зараза.
– За ставот 1 од член 206, за кој е пропишана одговорност на физичко лице, предвидена е парична казна или затвор до една година, а во ставот 2, ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна до 30 милиони денари (или околу 490.000 евра), предупредува ЈО.
Во истражниот затвор во Шутка за почеток се подготвени 4 ќелии за тие што биле казнети за излегување од самоизолација и ги прекршиле мерките на Владата.
Директорот на затворот, Есад Рахиќ потврди дека паралелно со носењето на владините мерки за справување со коронавирус, овозможени се сместувачки капацитети во затворот во Шутка, за кривичните дела поврзани со ширење на заразата.
Досега биле казнети околу 50-ина граѓани со парични казни кои ако не ја платат казната, ќе бидат осудени со затвор во Шутка.