Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски заедно со тим од Детската хирургија од 1 февруари ќе почнат да работат во Клиниката „Жан Митрев“.

– Почнуваме од 1 февруари. Во тимот ќе бидат двајца специјалисти анестезиолози, еден специјализант анестезија, тројца педијатри интернисти, една сестра за интензивна нега, една сестра инструментарка и јас, како и маркетинг координатор за Детска кардиохирургија. Сега го правиме списокот на кој има 35 деца, од кои 15 се за операција, но не се итни и во најскоро време, наредниот месец веднаш ќе почнеме да се акивираме со оператива, изјави за МИА доктор Чадиковски.

Преминувањето на доктор Чадиковски и тим од Детска хирургија во таа клиника е резултат на јавното приватно партнерство на државата со таа приватна здравствена установа.

– Тој микросистем сами што успеавме да го организираме, во таа Клиника ни се поедноставува. Значи, во една институција добиваме се што ни треба за третман на децата, од основните инвестигации до постоперативна и интензивна нега. Значи, се е на едно место. Ќе ја искористиме нормално и долгогодишната експертиза и на Жан Митрев, односно на адултна кардиохирургија која е различна, но е компатибилна. Главен предуслов за моето одење таму, а го потенцирав и на сите преговори претходно, е тоа што децата од обичен преглед, до операција, до постоперативно, до излегување од болница и за контроли, нема да плаќаат. Прегледите ќе бидат бесплатни. Ми беше приоритет да отидам таму поради тоа што децата нема да плаќаат ништо, рече Чадиковски.

Децата, посочи, ќе ги добијат тие стандарди кои не можеме да им ги овозможиме на Детска хирургија.

– Мислам дека најдобро решение после долги преговори беше целиот детски кардио тим да биде на едно место во Клиниката „Жан Митрев“, вели а доктор Чадиковски.

Посочи дека ќе прават рутински кардиолошки прегледи на Клиниката за гинекологија и во други поголеми породилишта, каде има голем број предвремено родени бебиња со аномалии на кои не може да им се детектира постоење на дуктус, кој ја зголемува смртноста кај бебињата, и дека тоа ќе го покриваат.

– Значи еднаш ќе поминуваме со ехо портабл да видиме дали има такви деца. Во исто време имаме посебно возило со тим кој кога ќе ни јават дека некаде има  дете со срцева мана во Македонија, тим од Клиниката „Жан Митрев“ ќе отиде, ќе го земе и соодветно ќе го транспортира, истакна Чадиковски.

Според него, една од причините за смртноста кај новороденчињата е постоење на срцеви маани кои не се детектирани.

– Значи, ако ни се јават од Кочани или од Кичево дека има дете со срцева мана, транспортот е многу битен како да се донесе. Така што ние се согласивме со наше возило да се донесе бебето тука со наш тим. Тоа беше еден од условите, значи сите аспекти да се покријат, плус и едукативниот дел. Имаме константни едукации во однос на рано детектирање деца со срцеви мани. Ние во моментов оперираме 70 до 80 деца, а треба да оперираме 120. Така што голем број од децата остануваат недијагностицирани, умираат без дијагноза, додаде Чадиковски.

Во врска со тоа што ќе се случува со просторот на Детска хирургија рече дека во принцип тимот што се формира и што напушта е обучен за детска кардиохирургија и тој тим што бил на Кардиохиохирургија ги покривал и услугите на Детска хирургија.

– Не е проблем да покрива и досега така функционираше. Значи, тимот што е од Кардиохирургија ги покриваше децата и од Детска хирургија кои бараа интензивна нега. Мислам дека е склучен договор и со КАРИЛ, со анастезија тие да ја покриваат Интензивна нега на Детска хирургија, додаде Чадиковски.