На прес конференција по средбата со својот грчки колега Алексис Ципрас, на маргините на ЕУ самитот во Софија, македонскиот премиер Зоран Заев рече дека е утврдена една опција за името која е најприфатлива за двете страни.
– Заедно со премиерот Ципрас разгледавме можни опции за креативни решенија, кои македонската страна ги презентираше во последната фаза од преговорите. Следуваат консултации во двете земји, со релевантните политички фактори – информира Заев на прес- конференцијата во Софија.
Премиерот нагласи оти со Ципрас суштествено разговарале за неколку опции, при што утврдиле една опција, која може да биде прифатлива за двете страни. Продолжуваат консултации на домашен терен во двете земји. Заев нагласи дека доколку е можно практично спроведување на тоа решение, тогаш всушност имаме решение. Премиерот не прецизираше за какво решение станува збор, ниту директно одговори дали на средбата станало збор за промена на македонскиот Устав. „Јас сум Зоран тој е Алексис, мораме да разговараме со претседателите на двете држави, со шефовите на опозицијата“, доаде Заев.
Тој притоа подвлече дека „од денес пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција е уште посилно“.
Но, иако кај Заев провејува извесен оптимизам за преговорите, сепак, од Самитот е испратено дипломатско торпедо насочено директно кон македонскиот идентитет. Декларацијата објавена од самитот ЕУ-Западен Балкан, која инаку е премногу општа и без јасни датуми што се однесува до приемот на нови членки, сепак за Македонија тој е многу непријатен документ. На крајот од Декларацијата стои дека таа е објавена и во „други јазични верзии на албански, на босански, на црногорски, на спрски и на јазикот на поранешна Југословенска Република Македонија“.
По објавувањето на Декларацијата немаше реакција од македонската влада, а не се знае дали ваквото деноминирање на македонскиот јазик, кој е светски признат и е заведен и кодифициран во Обеднитетите нации, е производ на инсистирање на бирократијата во Европската комисија, на домаќинот-Бугарија, или пак е масло на Грците. Во секој случај станува збор за удар врз јазичниот идентитет, нешто што порано се случувало во Брисел и во Стразбур, но со дипломатска реакција од Македонија, се добивала битката за јазикот, сметаат познавачи на проблематиката.