Сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, избегна затворски притвор и доби куќен притвор, бидејќи судот ја уважил неговата улога како старател на четири деца, од кои три се малолетни, како и неговите цврсти врски со државата и здравствените проблеми, за кои приложил медицинска документација.

Обвинителството тврди дека предложило притвор, но судот го одбил барањето, наведувајќи дека околностите се во корист на поблага мерка.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по информациите што се пренесуваат во одредени медиуми, ја информира јавноста дека Основниот кривичен суд Скопје ги достави решенијата на судијата на претходна постапка со кои за четворица осомничени е прифатен предлогот на обвинителството и им е определена мерка притвор. За едно лице осомничено за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор не е прифатен и е определена мерка куќен притвор.

Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.

Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.

Обвинителството во соработка со правосудната полиција презема дејствија во насока на обезбедување на докази за сопственост на движен и недвижен имот на осомничените со цел нивно обезбедување заради понатамошна евентуална конфискација.