Претепан и врзан, па потоа убиен – ова според обвинителството бил текот на настаните во кои животот го загубил 74 годишниот Панче Жежовски.
Во соопштението од ОЈО стои дека на 22 ноември четворица од осомничените откако претходно се договориле, го грабнале Панче од неговиот дом во Велес. Целта била да го присилат за да го даде неговиот автомобил Цитроен за да го искористат за грабнување на Вања Ѓорчевска, а потоа во близина на селото Рудник го убиле, а телото го закопале во јама.
„Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.“ – велат од обвинителството.
Дека убиството на велешанецот било направено надвор од неговиот дом потврди и министерот за внатрешни работи Спасовски, кој посочи дека МВР ќе ги истражува сите детали и индиции доколку постои и вмешаност на повеќе лица во убиствата.
„Министре дали се знае дали велешанецот е убиен дома или надвор? Надвор, не е дома. “
Исчезнувањето на Жежовски во МВР било пријавено од неговата ќерка, два дена откако тој бил грабнат и убиен од неговиот дом, но не и неговиот автомобил Цитроен кој потоа бил пронајден во селото Бразда каде е најдено и телото на Вања Ѓорчевска. Од досегашната истрага на обвинителството и МВР, како и според исказите на осомнитечните, Љупчо Палевски е посочен како лицето кое ги убило Панче и Вања.