Неодговорното и штетно работење на претходната локална власт е причина што ФК „Победа“ и граѓаните на Прилеп повеќе од две години немаат прволигашки фудбал и не може да гледаат прволигашки натшревари. Проектите за изградба на градскиот стадион „Гоце Делчев“ имаат повеќе пропусти, се е стопирано и наново ќе почнат работите, изјави денеска прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нагласувајќи дека посебна комисија ќе прави ревизија.
Според Јованоски, двата наследени проекта се стопирани, бидејќи целосно се спротивни на законските регулативи и штетни од секој аспект.
– Според склучениот договор помеѓу општината Прилеп и Фудбалската федерација на Македонија да се реконструира и да се догради градскиот стадион, ллокалната самоуправа требало да ја реконструира и да ја догради северната трибина, да постави челична покривна конструкција над неа, а ФФМ, требало да изгради четири рефлектори, да обезбеди агрегат и да го реконструира тревникот на стадионот, рече Јованоски.
Во двата случаја има пропусти, градење на диво и без испитување на статиката на стадионот дали може да ја издржи челичната покривна конструција.
– Прво, не е постапено според препораките на ИЗИС (Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија) и не е направена статиката на северната трибина дали таа може да ја издржи покривната челична конструкција што требаше да биде поставена. Второ, општина Прилеп за оваа изградба имала предвидено 28 милиони денари, од кои околу 18 милиони за градежите работи на северната трибина, но изведувачот „Новоградба“ не ја завршил работата во предвидените 90 работни дена (почнувајќи од август 2017 година), туку се завршени само седум до осум отсто од работите. Освен ова, поставувањето на рефлекторите од преку 40 метри, тешки над 10 тони, е дивоградба, зашто не е издадена соодветна дозвола за градба, туку само решение. Затоа е стопирано градењето. Од друга страна, агрегатот бил замислен да се постави во една од соблекувалните, што е незамисливо. Од овие причини се стопирани сите работи, објасни Јованоски.
Формираната комисија од пет стручни лица ќе изврши ревизија на проектот за да ги утврди сите пропусти. Објавен е тендер за во ИЗИС да се испита статиката на северната трибина и потоа да се објави нов тендер за да се извршат градежните работи.
– Се прави нов проект и потребно е време. Фудбалерите сакаат што побрзо да почнат со тренинзи на теренот, но не знам дали тоа може да се дозволи во ваква ситуација. Се надевам дека наредната година ќе биде завршен стадионот. Но, за сето ова треба некој да понесе одговорност, вели Јованоски.