Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ги повикува сите што имаат каков било доказ за „Рекет“ да го достават до обвинителството за да постапува.
– Обвинителството уште еднаш нагласува дека не располагаме со други податоци, за други имиња инволвирани во ‘Рекет’. Доколку некој друг располага нека ги достави до обвинителството за да постапува. Ги имаме предвид сите написи, но доколку некој посочи конкретен доказ, документ, ние сето тоа ќе го прибавиме и ќе постапуваме. Предметот се води неселективно, вели Љубомир Јовески во изјава за Аласт.
Јовески, исто така, ги отфрла како шпекулации и тврдењата дека Боки 13 барал да го спроведат кај него за да сподели доверливи информации, посочувајќи дека досега тој му се обратил со писмен допис само еднаш, во кој се жалел на лошата здравствена состојба.
– Таква средба не барал. Бојан Јовановски сега е во судница и доколку сака, има факти или околности сите може да ги изнесе јавно и на судско рочиште, вели Јовески за Аласт.
Бранителот на Боки 13, адвокатот Сашо Дуковски во соопштение до медиумите, ги отфрли како ноторна невистина исказите на Јовески дека таква средба не била побарана.
– Ноторна невистина е искажана од страна на Јавниот обвинител на РС Македонија дека таква средба не била побарана. Не знам кому му оди во прилог, бидејќи јас како негов бранител го прочитав писмото пред тоа да биде испратено преку затворската управа. А законска должност е Јавниот обвинител да го чуе секој факт кој може да води кон евентуално процесуирање од обвинителството, се вели во соопштението од Дуковски.