Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески смета дека повторената постапка за случајот „Монструм“ ги отстрани сомнежите за монтиран процес и оти најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка.

– Пред сè би сакал да кажам дека е погрешна перцепцијата во јавноста дека пресудата е укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. По жалбата на обвинетите, Врховниот суд утврди дека вистинитоста на решавачките факти се доведува под сериозно сомневање и укажа дека при повторната постапка потребно е да се изврши реконструкција на настанот и од аспект на исказот на загрозениот сведок, дека на одбраната не и е овозможен увид во возилото со што е повреден принципот на еднаквост на оружјето, но и на други околности од утврдената фактичка состојба. Според тоа, без разлика на предлогот на јавниот обвинител по жалбата, очигледно е дека во конкретниот случај и Врховниот суд утврдил дека основано е да се уважат жалбите и предметот да се врати на повторена постапка, вели Јовески во интервју за „Дојче веле“.

Државниот јавен обвинител нагласува дека во судскиот случај нема победници и губитници.

– Заради жртвите и оштетените, извршителите мора да се изнесат пред лицето на правдата. И тоа да е сторено на законит начин и  со цврсти и издржани докази. Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка, рече јавниот обвинител.

Јовески во интервјуто за „Дојче веле“ зборува и за случајот „Јавна соба“.

-„Јавна соба” е профил отворен на платформата Телеграм, со седиште во странска држава. Оттука, немаме законска можност да наредиме, укинеме, забраниме нејзино функционирање, ниту пак да наредиме за гонење на сторителите да ни ги дадат доказите. Според тоа, во вакви случаи преземањето на определени дејствија бара подолг временски период, но и подготвеност за соработка на странските правосудни органи, вели Јовески.

Според него, потребни се измени и дополнување на Кривичниот законик во овој поглед, односно потребно е законодавството да го следи современиот развој, но и развивање на соработката со надлежните странски органи.

– Со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме. Затоа ги подржувам предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување, вели Јовески.