Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по Конечните извештаи на Овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, здравствената институција за која Јавното обвинителство отвори предистражна постапка по наводите во јавноста за злоупотреби со терапии за пациенти.
Расправата во Комисијата почна минатата недела, кога извештајот го презентираше главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој посочи дека се констатирани низа пропусти кои се однесуваат на работењето на здравствената установа, кои директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите.
Државниот обвинител Љубомир Јовески, кој учествуваше на една од седниците на Комисијата соопшти дека е можно во некоја од соседните земји да има вештачење за случајот.
-Неблагодарно е да се прогнозира кога ќе има конкретен обвинителен акт. Неблагодарно е да се прогнозира времето, побитно е да дојдеме до вистината, до докази, до обвинети лица и до сигурни, релевантни податоци кој што направил во конретното дело. Сложеноста на предметот налага дека ќе има повеќе вештачења. Се уште нема одлука, има идеја тоа да се врши во една од соседните земји и воопшто Обвинителството никогаш тоа прашање не го поставувало, имавме вештачење и од германски експерти. Соработката со Косово и Албанија е се уште во рамки на размена на информации. Ако Обвинителството презема такви дејства, јасна е неговата намера да го истражи случајот до крај – дали евентуално одредени лекови или медицински материјали завршувале надвор, како завршувале и на кој начин, да прибави соодветни докази од тие земји и во тој дел сега се остварува таа соработка, рече Јовески, посочувајќи дека ревизорскиот извештај е само еден од доказите за случајот „Онкологија“.
За утре е закажана седница на Анкетната комисија што ја формираше Собранието со цел да се утврди евентуална политичка одговорност за случајот. Досега пред Комисијата одговараа поранешниот министер за здравство Беким Сами и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.