Чест е да се биде уставен судија и тоа е највисокиот дострел на секој правник, изјави за ТВ 24 јавниот обвинител Љубомир Јовески, кого дел од медиумите го посочија како еден од можните идни уставни судии.
Тој вели дека доколку пратениците сметаат оти може да придонесе во работата на Уставниот суд, ќе го прифати предизвикот.
– Чест е да се биде уставен судија и тоа е највисокиот дострел на секој правник. Одлуката ја носат пратениците и доколку тие сметаат дека со моето долгогодишно правничко искуство во Министерството за правда, како судија и како претседател на Основниот суд Скопје 2, јавен обвинител, член на Совет на јавни обвинители и државен јавен обвинител, можам да придонесам во работата на Уставниот суд, ќе ја прифатам оваа одговорна функција, изјави Јовески.
Уставниот суд е составен од 9 судии, но кон крајот на мај и почетокот на јуни мандатите им истекоа на тројца. Меѓу имињата кои претходно се споменуваа како фаворити беа генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и адвокатот Васко Талевски, но пред еден месец собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата не успеа да ги утврди кандидатите што потоа треба да ги избере собранискиот пленум.
Споменувањето на Иванова како можен кандидат за уставен судија предизвика остри реакции од ВМРО-ДПМНЕ поради нејзиниот политички бекграунд.