Најдолговечниот градоначалник, Јозеф Ридел од германскиот град Виндхаген во западната сојузна покраина Пфалц на Рајна по 56-годишната градоначалничка кариера и навршени 94 години, деновиве оди в пензија.

– Се кандидирав на 14 избори. Сите ги добив. Секогаш имав противкандидати, а колку беа вкупно – не се сеќавам, рече политичарот, инаку член на Демохристијанската унија.

Грачето Виндхаген, кое има 4.200 жители, тој го води од 1963 година. Должноста градоначалник ја извршувал доброволно, без парична надомест, а дневната соба му била канцеларија.

Натаму, тој раскажува како му испорачувал компири на Конрад Аденауер, прославениот германски канцелар по Втората светска војна, кој живеел во блискиот Рендорф. Тогаш се родила идејата за модернизација на автопатот А-3, од чија изградба Виндхаген добил многу, и инфраструктурно, и економски.

Ридел нема да се кандидира на општинските избори кои ќе бидат објавени следната недела. Наместо тоа, како што вели, времето ќе им го посвети на своите внуци и правнуци.