Испораката на огревно дрво за граѓаните во Македонија преку ЈП „Македонски шуми“ е при крај и за една до две недели ќе се доиспорачаат последните околу 6.000 метри кубни. Имаше проблеми што сега се надминуваат, изјави директорот на ЈП „Македонски шуми“ Зоран Георгиев при денешната акција на пошумување во околината на Крушево, одговарајќи на новинарско прашање што се случува со испораката на огревното дрво зашто има реакции од граѓаните.

–Вкупната испорака на огревното дрво во државава е при крај, односно, за испорака имаме уште неполни два процента. Што значи, испорачани се 300 000 метри кубни огревно дрво, а остануваат уште околу 6 000 метри кубни за испорака. Има мал недостиг во Прилеп и во Битола, но ги преземаме сите мерки за испораката да заврши за една до две недели. Дрвата се носат од Демир Хисар и од Ресен и бидејќи временските услови се добри, се надевам дека брзо ќе завршиме, изјави Георгиев.

За доцнењето, Георгиев ги посочува проблемите во тендерите за јавни набавки и во неповолните услови за што смета дека со почетокот на идната година ќе ги нема.

-Имаше повеќе проблеми што ја спречија испораката на огревното дрво. Едниот од нив се задоцнените тендери. Вториот проблем е поврзан со невремето во почетокот на летото и не можевме навреме да влеземе в планина за сеча. За наредната година, се надевам, дека нема да има проблем со јавните набавки. Ги почнуваме во јануари 2019 година и да завршат до средината на март наредната година и во април да почне сечата и испораката, во зависност од временските услови, рече Георгиев.