Продолжуваат спортските подвизи на македонски спортисти и планинари во чест на 1.000 годишнината од основањето на Бигорскиот манастир, што се одбележува во ова господово лето.
Во низата вакви спортски подвизи е и оној на познатата спортистка, активиста и хуманистка, Мими Стојановска од Струга.
– На наша голема радост се случи уште еден спортски подвиг – 1000 километри на велосипед за 1000 години Бигорски манастир. Во чест на големиот јубилеј, Стојановска во период од неколку дена извози 1000 километри на велосипед, од кои последните 80 километри од Струга до Бигорски. Бескрајно и благодариме за оваа голема чест и љубов кон нашето десетвековно Светилиште и и посакуваме уште многу нови спортски и хумани предизвици со кои ќе го слави Бога,изјави за МИА сестра Ефимија.
За Стојановска,како што вели, е многу важно во сите спортски активности, исто како во животот, да поставиш јасна цел што сакаш да ја постигнеш, а тогаш и борбата и мотивацијата се уште поголеми.
– Пробувајќи да ги спојам подвизите во спортот со духовните подвизи, дојдов до идеја што многу ми се вклопи во мисијата „Преку спорт да го промениме светот“ – 1000 километри на велосипед за неколку дена, посветени за 1000 години Бигорски манастир. Инспирирана од љубовта, радоста и духовната енергија од моите најдраги монашки срца, душата ми беше постојано нахранета со преголемата љубов да го споделам овој подвиг со нив и со сите луѓе,вели таа.
Посочува дека за неа, како духовно чедо на ова светилиште, огромна радост е што живее во време кога се одбележува 1000-годишнината од непрестајната духовност која извира од храмот на Претечата и крстител Јован „под чии што закрила се делата на едно големо срце од кое постојано се излева љубовта – срцето на отец Партениј, игумен на Бигорската Обител и епископ Антаниски“.
– Целта на последните 80 километри, беше да ја споделам мојата радост и љубов во Бигорски манастир, изразувајќи им на монасите неизмерна благодарност за поддршката. Бев придружувана од Жикица Ивановски, долгогодишен спортист – ултра маратонец, како и со поддршка од мојата фамилија, додава Стојановска.
Посочува дека со симболична плакета за спомен и благодарност на нејзината преголема радост имала чест да земе благослов и лично да му се заблагодари на игуменот на Бигорскиот манастир и епископ Атанински, отец Партениј.
Таа била срдечно пречекана и во женскиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.