Република Македонија денеска одбележува 30 години од донесувањето на првиот Устав по прогласувањето на независноста.

Граѓаните на референдумот одржан на 8 септември 1991 година ја изразија својата волја и го дадоа својот глас земјата да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија. Независноста уставно-правно беше заокружена со донесувањето на Уставот со 93 гласа во Собранието на 17 ноември 1991.

Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски,  Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски.

Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.

Уставот е највисок правен акт и досега има претрпено неколку амандмански измени.

Последната беше во 2019 година кога македонското Собрание со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во РС Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.

Уставот е составен од преамбула и членови. Членовите на Уставот се поделени во неколку глави. Првата глава е посветена на основните одредби, втората на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, третата на организацијата на државната власт, четвртата на Уставниот суд, петата глава се однесува на локалната самоуправа, шестата на меѓународните односи, седмата на одбраната на Републиката, воена и вонредна состојба, осмата се однесува на измените на Уставот и деветтата глава се преодните и завршни одредби.

Темелните вредности на уставниот поредок се дефинирани во членот 8 став 1 од Уставот и тоа се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, слободното изразување на националната припадност, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, владеењето на правото поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот социјалната правда и солидарноста, локалната самоуправа, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Уставниот развој на земјата историски може да се подели на три периоди. Првиот од 31 декември 1946 година кога е донесен Уставот на тогашната Народна Република Македонија, како една од конститутивните републики на поранешна Југославија. Вториот период е со донесувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија на 25 февруари 1974 година, а третиот од 17 декември 1991 година кога е усвоен последниот и се уште актуелен Устав на денешна Република Македонија со придавката Северна.

Уставот од 1991 претрпе осум измени

Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата досега има претрпено осум амандмански измени. Последната беше во 2019 година кога Собранието со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република С. Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.

Првите измени на Уставот се усвоени на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II. Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.

На 1 јули 1998 година е усвоен Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со него е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.

Пратениците на седница на Собранието на 16 ноември 2001 година ги усвоија амандманите  IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII. Овие амандмани се донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор. Заменета е Преамбулата на Уставот која е напишана во еден став. На сосема нов начин е уредено прашањето на примената на службениот јазик и неговото писмо на целата територија на државата и во единиците на локалната самоуправа. Воведена е нова темелна вредност во уставниот поредок на државата односно соодветна и правична застапеност на граѓаните од другите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Проширена е листата на верските заедници утврдена во Уставот од 1991 година. Регулирани се правата на етничките малцинства. Гарантирана е заштитата, унапредувањето и збогатувањето на историското и уметничкото богатство на државата и на сите заедници во неа. Предвидено е дека за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државата. Регулиран е начинот на избор (двојно мнозинство) и надлежностите на Народниот правобранител. Воведен е Комитетот за односи меѓу заедниците кој го основа Собранието и утврден е неговиот состав. Уредена е застапеноста на припадниците на малцинските заедници во Републичкиот судски совет, Уставниот суд и Советот за безбедност. Уредено е прашењето на донесувањето на законите од областа на локалната самоуправа (двојно мнозинство гласови), како и надлежностите на единиците на локалната самоуправа. Регулирана е постапката за донесување на одлуката за измена на Уставот на Република Македонија. Според последниот амандман, преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, односно одлуката за пристапување кон измена на Уставот, како и членовите со кои се регулираат темелните вредности, правото на еднаквост, како и правата на малцинските заедници и одлуката за додавање нова одредба, која се однесува на предметот на тие одредби или членови, не можат да се променат без двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

На 26 декември 2003 година пратениците го усвоија амандманот XIX со кој се уредува отстапување од неповредливоста на тајноста на сите други облици на комуникација, а не само на писмата, како што е утврдено со Уставот од 1991 година. Утврдено е дека отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, а поради точно наведени причини.

Амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX Собранието ги усвои на седницата одржана на 7 декември 2005 година. Тие се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство. Укинат е имунитетот на министрите, а се задржува само имунитетот на претседателот на Владата со тоа што за одземање на неговиот имунитет одлучува Собранието, а не Владата како што предвидуваше Уставот од 1991 година.

На собраниската седница одржана на 9 јануари 2009 година е усвоен Амандманот XXXI на Уставот со кој е утврден цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг (ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти (40%) од вкупниот број избирачи во Републиката).

Амандманот XXXII на Уставот е усвоен на собраниската седница на 12 април 2011 година, а се однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот да биде протеран од државата. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор и со одлука на суд.

Последните уставни измени беа направени на 11 јануари 2019 година кога во законодавниот дом беа усвоени амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот кои влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба. Со нив се менува името на државата од „Република Македонија“ во „РС Македонија“, се прават промени во Преамбулата, се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижата за дијаспората.

Пракса на уставни измени во други земји во Европа

Уставните измени односно реформи се сложен и долг процес. Понекогаш  измените се неопходни и сосема суштински заради подобрување на демократското владеење или прилагодување на политичките, економските и социјалните трансформации. Сепак, имајќи го предвид фактот дека основањето на државите се впишува во самиот устав, измената на овој значаен документ е прашање од голема важност. Во некои европски држави уставните измени се толку чести што се случуваат скоро секоја година, а во други пак се многу ретки.

– Во Австрија измените на Уставот на годишно ниво варираат од еден до шест пати (со исклучок на годините кога немало воопшто ниту една измена). Швајцарскиот и белгискиот устав, исто така, се менуваат доста често, а во грузискиот устав има повеќе од триесет измени,  покажува компаративното истражување на Парламентарниот институт.

Во други држави, пак, како што стои во истражувањето, уставните измени се многу ретки.

-Во Шведска, Актот за сукцесија кој е дел од четирите фундаментални закони на Уставот е сменет само еднаш. Во Романија немало воопшто никакви измени од 2003 година. Шпанскиот устав пак има претрпено само две измени. Уставот на Полска, исто така, од 1997 година е изменет само два пати. Во Финска, Уставот е изменет четири пати од неговото влегување во сила од 2000 година. Бугарскиот устав е изменет само пет пати од 1991 година. Грчкиот устав пак од 1975 година има претрпено четири ревизии. Уставот на Литванија од 1992 година е изменет 10 пати, се наведува во истражувањето.

Уставот на Република Македонија од 1991 година до денес, е изменет осум пати. Од Парламентарниот институт  посочуваат дека има неколку години во кои не постои воопшто ниту една измена, но во некои години има измени во над 15 членови од Уставот.

– Прашањето за уставните измени се наоѓа во сржта на уставната теорија и пракса. Конституционализмот имплицира дека фундаменталните правила за ефективно остварување на државната власт и заштитата на индивидуалните човекови права треба да бидат стабилни и предвидливи, а не да се предмет на чести измени, се наведува во истражувањето и се посочува дека ова е клучно кога се зборува за легитимноста на уставниот систем.

Број на измени на уставите на избрани држави во Европа

Држава                 Година на донесување на Уставот                     Број на уставни измени

1        Албанија                                       1998                                                              6

2         Белгија                                        1831                                               Повеќе од 30 пати

3        Бугарија                                       1991                                                              5

4        Хрватска                                       1990                                                             5

5        Кипар                                            1960                                                            14

6        Чешка                                           1993                                                              8

7        Естонија                                       1992                                                              5

8        Финска                                          2000                                                             4

9        Франција                                      1958                                                            24

10        Грузија                                         1995                                             Повеќе од 30 пати

11       Германија                                    1949                                                             64

12       Грција                                          1975                                                               4

13       Унгарија                                       2011                                                               7

14       Ирска                                           1937                                                             32

15      Италија                                         1947                                                             12

16      Латвија                                         1991                                                               8

17      Литванија                                     1992                                                             10

18      Молдавија                                   1994                                                                8

19      Холандија                                   1814                                               Повеќе од 40 пати

20      Македонија                                1991                                                                8

21      Норвешка                                    1814                                                  Релативно чести

22      Полска                                         1997                                                                2

23      Португалија                                 1976                                                                7

24      Романија                                      1991                                                               1

25      Словачка                                     1992                                                              19

26      Словенија                                    1991                                                              10

27      Шпанија                                       1978                                                                2

28      Шведска                                      1974                                                                1

29      Швајцарија                                  1999                                                              44

30      Турција                                        1982                                                              19

Извор: Парламентарен институт