Нови 173 потврдени со КОВИД-19 од 1.650 тестирања, од кои најголем дел 75 се од Скопје, беа регистрирани вчера во земјава.
Починаа и досега најголем број пациенти – 15. Регистрирани се и 150 оздравени пациенти, и од нив најголем дел – 105 од Скопје. Надлежните и здравствените работници постојано апелираат граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита, да носат покривка на устата и носот, да држат растојание и често да мијат раце. Тоа, велат е основна заштита од зголемено ширење на вирусот.
Наголем број од пациентите починале во болницата „8 Септември“ каде починале девет пациенти, од кои двајца на возраст од 54 години, а останатите на возраст од 60, 61, 75, 45, 74, 57 и 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починале три лица, на возраст 64, 73 и 80 години.
Две лица од Скопје и Гостивар се починати дома на возраст од 65 и 82 години. Во болница во Струга е почината пациентка на 67 години.
Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.625, бројката на оздравени пациенти е 2.748, на починати е 321, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.556.
Со оглед на развојот на ситуацијата со коронавирусот во соседството, Комисијата за заразни болести најави дека денеска на состанок ќе разговара за евентуално повторно воведување режим со границите на Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји.
Комисијата за заразни болести, посочија оттаму, активно ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во Македонија.