Партиите од екстремната десница во ЕУ достигнаа рекордно ниво на популарност на нешто повеќе од шест месеци пред изборите за членови на Европскиот парламент предвидени за почетокот на јуни идната година, покажуваат резултатите од најновото истражување на „Јуроп Електс“, што треба да бидат објавени денеска, а во кои увид имал „Еурактив“.
Според анкетата, како што јави дописникот на МИА од Брисел, доколку евроизборите би се одржале сега, евроскептичните и екстремно десничарските политички партии обединети во групацијата Идентитет и демократија (ИД) би освоиле 87 од 705-те места во Европскиот парламент. Во сегашниот состав на ЕП, оваа десничарска групација има 60 европратеници.
Водечки партии во рамките на ИД се францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен и Партијата на слободата на Австрија (ФПО), кои според анкетите се најпопуларни партии во нивните земји, потоа Алтернатива за Германија (АФД), која во моментов е втора по популарност германска партија, како и Лигата на Матео Салвини, која е дел од италијанската Влада.
Во анализата на резултатите од анкетата, „Јуроп Електс“ посочува дека ваквиот подем на партиите од ИД делумно е поттикнат и од изненадувачката победа на екстремно десничарската, популистичка и антимигрантската Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс на парламентарните избори во Холандија минатата недела.
Според истражувањето, доколку ваквиот тренд се задржи до изборите во јуни, Идентитет и демократија (ИД) би станала четврта политичка сила во Европарламентот, пред десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и блокот на Зелените и Европската слободна алијанса (Зелени/ЕФА).
Анкетата покажува дека партиите членки на двете десничарски групи ИД и ЕЦР би освоиле околу 23 отсто од местата во Европскиот парламент. Во тој проценти не се вклучени десничарските партии, кои иако идеолошки блиски до нив, не се дел од една од овие две групации, како Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, француската Повторно освојување (Р!), холандскиот Форум за демократија (ФФД) или словачкото движење Република.
Во минатото екстремно десничарските политички сили во Европа прокламираа заложби против посилна интеграција во рамките на ЕУ или дури и предлози за истапување од блокот, но последниве години ја променија реториката и нивните лидери во своите јавни настапи сега говорат за „потребата од промени во Унијата“.
Така, лидерката на францускиот РН, Марин Ле Пен по минатонеделните холандски избори порача дека на институциите на ЕУ им е потребен „целосен ремонт“, но нагласи дека Унијата не треба да се распадне и Франција треба да го задржи еврото како валута.
Што се однесува до другите европски политички групации, според анкетата на „Јуроп Електс“, десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) би останала најбројна сила во Европарламентот со 175 места или три помалку од сегашните, пред актуелната втора по големина група левоцентристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), која би освоила 141 европратеник, колку што има и сега.
Третата по бројност групација, либералниот и центристички блок Да ја обновиме Европа (РЕ), според анкетата од сегашните 101 би се намалила на 89 европратеници, додека актуелната четврта по големи групација Зелени/ЕФА би добила 52 мандати или 20 помалку од сегашните 72 и би паднала на шестото место зад ИД и ЕЦР.
Според овие бројки, големата про-ЕУ коалиција на ЕПП, СД и РЕ би го задржала мнозинството во Европарламентот и покрај несогласувањата и жестокиот вокабулар што си го разменија меѓу себе последниве месеци во врска со повеќе прашањата, посебно околу зелените политики, како Законот за обнова на природата и Директивата за справување со загадувањето на воздухот.
Опстојувањето на „големата коалиција“ неодамна го потврди генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас кој во интервју ја отфрли можноста за соработка на Европската народна партија со ЕЦР или ИД.
– Мислам дека ЕПП, социјалистите, либералите и зелените се политички елементи во ЕУ кои гарантираа дека нашата Унија се движи напред во вистинската насока, изјави Баколас. сп/
Фото: Идентитет и демократија/МИА Архива