Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека побарал од шефот на НАТО да свика состанок на Советот НАТО-Украина на кој ќе се разговара за безбедноста на Црното Море, особено за коридорот за извоз на украински житарки.
Средбата, на барањето на Украина, е закажана за в среда, потврдија од кабинетот на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Целта е да се консултираме за најновите случувања и да разговараме за транспортот на украинското жито преку Црното Море“, изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, пренесе ДПА.
„Средбата треба да се одржи на амбасадорско ниво“, додаде таа.
Зеленски и Столтенберег претходно имаа телефонски разговор на кој ја разгелдаа ситуацијата во Црно Море, откако Русија неделава се повече од Договорот за житарки под покровителство на ОН, соопштувајќи дека западните земји ги игнорирале нивните барања да обезбедат извоз на храна и ѓубрива од Москва.
Русија соопшти дека бродовите што се упатуваат кон украинските пристаништа на Црното Море може да се сметаат за легитимни воени цели.
Во своето редовно ноќно обраќање до Украинците, Зеленски кажа дека во телефонски разговор побарал од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да свика состанок на Советот што беше формиран на самитот на НАТО овој месец.
-Во нашата соработка, преминавме на ново, понапредно ниво, Советот НАТО-Украина, и тој механизам може да биде ефективен, рече Зеленски.
„Му предложив на Јенс да се свика Советот за важни кризни консултации без одлагање. Состанокот ќе се одржи во наредните денови. Можеме да ја надминеме безбедносната криза на Црното Море“, додаде украинскиот претседател.