Продолжува малтретирањето на обвинетите од страна на судијката Добрила Кацарска во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на фамозниот мерцедес во кој пред извесно време се возеше и британската премиерка Тереза Меј. На денешното рочиште, Кацарска закажа дополнитлни 24 рочишта за случајот и покрај обемната медицинска документација на обвинетата Гордана Јанкуловска, поранешен министер за внатрешни работи, вештачење направено по нејзина наредба кое ги потврдува претходните лекарски мислења. Дополнително, Кацарска во свој манир манифестира нервоза и упатува закани кон Јанкуловска што е неприфатливо за однесувањето на еден судија, но однесување кое стана нормално откако со овој суд раководи Џолев, како што за другиот Основен суд, попознат како „двојка“, стана нормално да се местат судски пресуди.
Рочиштата се закажани и на самиот ден кој според медицинската документација, од страна на лекарите е посочен како краен рок за породување, како и во деновите непосредно пред и по тој датум, па нема да биде чудно ако некое рочиште Кацарска го организира во болничката соба во која ќе бидат сместени Јанкуловска и бебето. Единствен период во кој нема рочишта е периодот кога Кацарска ќе го користи годишниот одмор, а тоа е дел од јули и август, кога впрочем сите судии се на колективен одмор.
Самата Кацарска рече дека веќе не признава никакво боледување или медицинска документација. а овој начин Кацарска не само што со непризнавање на законски гарантираното право на породилно отсуство се става над законот, туку и детето го лишува од правото на нега од мајката гарантирано со сите меѓународни конвенции за пренатална и постнатална грижа и за права на детето.
Предметот „Тенк“, инаку, по ниту еден законски критериум не може да се смета за итен ниту постои каква и да е друга причина да добие приоритет пред сите останати предмети, вклучително и оние каде што поголем број обвинети се во притвор. Овие предмети се ставени на листата на чекање, само затоа што за предметот „Тенк“ некој оценил дека во најкус можен рок по секоја цена мора да има пресуда.