Во 2013 година важел еден закон, сега има нов закон кој што, очигледно, воведува нова одредба, нов став кој вели дека предвременото полагање на правосуден испит е забрането, посочи адвокатот Дељо Кадиев во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ во однос на „жешката“ тема што деновиве е актуелна во јавноста во врска со предвременото полагање на правосуден испит.
„Меѓутоа, ако го гледате стариот закон, никаде не пишува дека е дозволено. И јас не можам да се сложам дека во законот од 2013 година, министерот имал дискреционо право да дозволи предвремено полагање. Тоа никаде во законот го нема. Останува да се замислиме како е дојдено до полагање, доколку е предвремено, а очигледно е предвремено од она што го слушаме во изјавите на сите чинители“, потенцира Кадиев.
Тој ја нагласи и „наводната техничка грешка“, верзија што се провлекува во јавноста, во што тој не верува.
„Намерно ја потенцирам „наводна техничка грешка“, бидејќи не може некого да измешате по некој стар систем кој што имаше диплома 7/1, 7/2, магистерски 7/3, докторски студии и Болоњскиот систем кој што воведува ЕКТС кредити. Законот е јасен и во едниот и во другиот случај. Не можете да ги помешате тие два случаја. Законот за високо образование вели „да, ќе биде дипломиран и би се стекнал со звање дипломиран правник и со 180 ЕКТС, меѓутоа не може никако да ставите дека имал 7/1 ако студирал по Болоњски систем“, вели Кадиев.
Тој истакна дека настапената неможност за правење на проверки е она што најмногу го загрижува, затоа што тогашниот функционер издал наредба за чување на материјалот само една година.
„Јас го отворив и законот за архивско работење и такви рокови за чување на материјал не постојат. Еве, и ние адвокатите кои работиме и како агенти за регистрација, мораме да чуваме најмалку пет години, па да предадеме документација од регистрација на една фирма во Архивот на Македонија. А, замислете која дискрепанца има од полагање на правосуден испит и регистрација на една фирма“, истакна Кадиев.