Портпаролот на СДСМ Дарко Каевски, коментирајќи ја изборната програма на СДСМ за европска иднина, истакна дека таа се темели на 10 столба.
Првиот столб се европските плати и животниот стандард.
Во наредните четири години просечната плата ќе ја зголемиме на рекордни 1.100 евра а минималната плата на 600 евра. Вториот столб е достоинствен живот за пензионерите. Во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. Дополнително предвидуваме мерка – новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата, истакна Каевски.
Тој додава дека програмата содржи и мерки за поддршка на младите.
Новата влада на СДСМ ќе обезбеди по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години. За силна домашна економија, предвидуваме 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство. Како поттик на економскиот раст, СДСМ предвидува 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Во наредните четири години ќе инвестираме 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти. Тоа се 194 километри изградени автопатишта до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта. За европско земјоделство обезбедуваме уште поголеми субвенции и поддршка за нашите земјоделци од 750 милиони евра.За европско образование, гарантираме безбедност и сигурност за учениците. Еден од проектите е бесплатен топол оброк за учениците во основните и средните училишта, бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти. Децата се нашата иднина, истакна тој.
Во програмата се предвидува и чиста животна средина и ефтина струја.
Предвидуваме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти до 2028 во однос на 2019 година. Повеќе ЕУ фондови за македонската економија и завршување на преговорите со ЕУ до 2028 и членство до 2030 година, рече Каевски.