Веднаш по престојот и проповедањето во Филипи, апостолот Павле, заедно со Сила и Тимотеј заминуваат за Солун каде што имало голема хебрејска заедница, и каде повторно со успех го проповедаат христијанското учење.

На патот за Солун ги посетиле градовите Амфипол и Аполонија. Иако нема изворни податоци сепак може да се претпостави дека Павле и во овие градови одржал проповеди, покрстувајќи засега непознат број на верници.

По пристигнуваљето во Солун, Павле најпрво ги започнал своите проповеди меѓу локалните Хебреи, силна заедница во градот. Тој во прво време проповедите ги држел во хебрејската синагога ширејќи го христовото учење. Меѓутоа, не се ограничил само на проповед во локалната хебрејска заедница туку, напротив, според својата добро востановена практика, тој во христијанството преобратил и голем број друго нехебрејско македонско население, жители на Солун и околината. Според д-р Драган Зајкоски од Институтот за национална историја во Скопје, апостол Павле, запознавајќи се со состојбите во хебрејската заедница во Солун, сфатил дека Хебреите нема лесно да го прифатат христијанското учење, па затоа својата мисионерска дејност ја насочил кон автохтоното македонско население, придобивајќи за кратко време во христијанските редови бројни солунски Македонци, поставувајќи ги на тој начин основите на солунската христијанска општина.

За македонскиот карактер на христијанската општина во Солун говори и фактот што за еден од првите нејзини епископи бил избран Аристарх, кој, според етничкото потекло, бил Македонец.

Соочени со големата популарност и успех што за многу кратко време Павле ги имал постигнато меѓу обичните луѓе, фанатизираните Хебреи започнале со силна акција насочена против членовите на новоформираната христијанска заедница во Солун. Тие пред органите на локалната римска власт започнале да изнесуваат низа невистини и клевети.

Токму поради овој голем притисок од страна на хебрејската заедница во Солун, Павле, Сила и Тимотеј биле принудени да го напуштат градот и да заминат за Бер, градот каде што сега се чува черепот на светги Климент Ёохртидски, каде исто така имало хебрејска заедница. И тука, во Бер, како впрочем во Филипи и Солун, најголем успех во преобратувањето во Христовата вера апостолот имал сред мнозинското нехебрејско, паганско население, односно меѓу локални Македонци од градот и околните места.

Но, како што растел успехот на неговата мисионерска дејност, така се засилувал притисокот на властите кон него. Оттука, најверојатно плашејќи се за својата лична безбедност, откако ги поставил на здрави основи новоформираните христијански општини, апостол Павле ја напуштил Македонија, упатувајќи се во Хелада.

Само неколку месеци подоцна по него заминале и неговите соработници Сила и Тимотеј.

Маченичката смрт на трите солунски сестри Агапија, Хионија и Ирена

Неколку години подоцна, или поточно во периодот од 56 – 58 година, апостол Павле повторно два пати ќе ја посети Македонија. Мотивот за неговиот втор престој во Македонија треба да се бара во неговата желба да ги посети од порано формираните христијански општини во Македонија, со цел лично да се увери како функционираат, но да им даде и упатства и совет на тамошните христијански верници како да продолжат понатаму да се справуваат со секојдневните проблеми. Во таа насока треба да се разберат и неговите две посланија упатени до христијанската општина во Солун и посланието упатено до христијаните во Филипи.

Со самото тоа што апостолот Павле почуствувал потреба да им напише писма на христијаните во Солун и Филипи, смета д-р Зајкоски, со голема веројатност може да се претпостави дека христијанските општини во овие македонски градови за релативно кратко време прераснале во големи и моќни христијански заедници, со углед надалеку познат не само во Македонија туку и пошироко. А постоењето на силни христијански црковни општини во Солун, Филипи и Бер претставувало основа за брзо ширење на христијанството и во другите делови на Македонија.

Според историски извори но и библиски извори, со голема сигурност може да се претпостави дека христијанството продолжило да егзистира во македонските градови и за време на големите прогони против христијанската Црква. Тоа е период кога христијанската Црква се нашла пред можеби еден од своите најголеми предизвици.

Имено, почнувајќи од времето на императорот Нерон, кој владее од 54 до 68 година по Христа, римската власт започнала со масовниот прогон против христијаните и христијанската Црква, а со единствена цел да го искорени христијанството како религија. Прогоните против Црквата, повеќе или помалку, ги засегнале христијанските црковни општини на целата територија на Империјата.

Се разбира дека не била исклучок ниту Македонија, каде уште од првиот век почнало да се шири христијанството и да се формираат силни црковни општини. Па оттука, разбирливо е што римската власт во Македонија започнала со жесток и континуиран прогон против членовите на христијанските заедници кои егзистирале во македонските градови.

Како резултат на овие прогони животот го загубиле голем број христијански верници чиишто имиња во најголем дел се уште остануваат непознати. Сепак, според д-р Зајкоски, во науката постојат конкретни податоци за извесен број христијански маченици во Македонија, чии имиња и биографии останале посведочени благодарение на нивните сочувани житија, како и на сочуваните судски записници. Врз основа на досегашните изворни податоци за прв христијански маченик од Македонија се смета Великомаченичката Ирена која живеела кон крајот на I век.

Како што соопшува анонимниот автор на нејзиното житие, Ирена се родила и до примањето на христијанството живеела во градот Мигдонија во Македонија, кој за жал се уште не е лоциран на теренот. Според црковната традиција Ирена се упокоила во градот Ефес кон крајот на првиот или можеби почетокот на вториот век.

Великомаченичката Ирена од градот Мигдонија била првиот христијански маченик кој потекнувал од Македонија, но за прв маченик кој пострадал во Македонија се смета Матрона Солунска. За нејзиниот живот, дело и маченичка смрт има многу оскудни податоци. Единствено што се знае е дека таа живеела во Солун, работела како робинка во куќата на солунскиот управник и била слугинка на неговата жена, хебрејката Павтила.

Матрона Солунска (лево)

Матрона Солунска се смета за прв посведочен во изворите христијански маченик пострадан на територијата на Македонија во вториот век.

Жестоките прогони против христијаните продолжуваат и во следниот век. Во овој период посведочени се имињата на неколку маченици, кои, или потекнувале, или пострадале во Македонија. Меѓу нив е и името на Еликонида која била родена во Солун, но пострадала во Коринт, како и маченичката смрт на една поголема група христијани кои пострадале во градот Аполонија во Македонија.

Последниот голем прогон против христијаните датира во времето на Диоклецијан од крајот на третиот век, и неговиот совладетел и подоцна император Галериј од почетокот на четвртиот век. Масовните прогони против христијанската Црква од овој период, со сета своја суровост, се почувствувале и во Македонија – центар на христијанството на Балканот уште од Првиот век.

Од овој период на прогонот против Црквата постојат изворни податоци за повеќе христијански маченици кои живееле и пострадале во Македонија, како, на пример, Домнин Солунски и свештеномаченикот Мокиј, потоа Таврион, Авкт и Тесалоникија од Амфипол, како и Александар, Анисија, Агатопод, Теодул и Теодосија од Солун.

Во овој период е и маченичката смрт на трите солунски сестри Агапија, Хионија и Ирена. За нив постои нешто поопширна литература иако некои епизоди од нивниот живот се уште се контрадикторни и предизвикуваат различни мислења и толкувања во науката. Едно од прашањата за кое во науката се уште се води полемика е поврзано со нивното место на раѓање. Според едни автори сестрите биле родени во Италија во регионот на градот Аквилеја, а според други тие биле родум од Солун. Меѓу најпознатите христијански маченици кои потекнувале или пострадале на територијата на Македонија се вбројуваат и епископот од Антиохија – Еразмо, но и солунскиот великомаченик – Димитриј.

Култовите на овие двајца маченици ги поминале локалните граници на Македонија и се прошириле не само во другите места на Балканот, туку и пошироко, во Европа. Затоа, со право се сметаат меѓу најпочитуваните христијански маченици во историјата на христијанската Црква.

Еразмо Лихнидски покрстил 40.000 христијани во Охрид и охридско!

Еден од најпочитуваните маченици, кој извесен период претстојувал во Македонија и во градот Лихнидос, бил епископот на Антиохија – Еразмо, кој во изворите го носи и епитетот – Лихнидски. За животот на Еразмо и неговиот престој во Лихнидос, дознаваме од двете негови житија, сочувани во повеќе верзии, во кои е опишана неговата мисионерска дејност и маченичка смрт во времето на Диоклетијан и Галериј.

За престојот и мисионерската дејност на Еразмо во градот Лихнидос и неговата околина, освен пишани извори, постојат и многубројни народни преданија настанати неколку века по неговата маченичка смрт.

Науката смета дека тој во Лихнидос се задржал повеќе години работејќи како мисионер и вршејќи разни чуда меѓу локалното население од кои најкарактеристично е воскреснувањето на синот на видниот лихнидиец Анастас и покрстувањето на 40.000 нови верници.

Друг христијански маченик од Македонија од почетокот на четвртиот век, чијшто култ со текот на времето ги поминал локалните граници, проширувајќи се во целиот христијански свет, бил Димитриј Солунски. Роден во Солун во благородничко семејство по смртта на татко му, кој бил управник во градот, младиот Димитриј ја наследил неговата функција, но набрзо бил уапсен под обвинение дека е христијанин. Одбивајќи го извршувањето на императорската наредба да започне со прогон против христијаните, Димитриј бил уапсен и изведен на сослушување лично пред Галериј. Како што соопштува црковната традиција на судењето тој јавно признал дека е христијанин и одбил да им принесе жртва на паганските богови, па затоа бил подложен на сурови измачувања. По неговата маченичка смрт, неговото тело било тајно земено и погребано, а подоцна на местото на неговиот гроб бил подигнат голем христијански храм.

По признавањето на христијанството за рамноправна религија со Миланскиот едикт од 313 година биле отстранети сите правни пречки за нејзино слободно исповедање, а со тоа биле создадени сите неопходни услови за брз развој на Црквата. Во новите услови за мошне кусо време дошло до консолидирање на постоечките христијански општини во македонските градови и создавање на цврста и добро организирана црковна мрежа на епископии на целата територија на Македонија.

Притоа христијанската општина во Солун послужила како центар за организирање на Македонија како посебна црковна област. Освен солунската, на територијата на Македонија во четвртиот век посведочени епископии имало и во Бер, Дион, Аполонија, Партикопол, Амфипол, Касандреја, Сер, Аргос, Хераклеја Линкестис, Стоби, Баргала, Запара, Добер, Лихнидос, Скупи и други поголеми македонски градови.

Блаже Миневски