Според факти со кои располага историјата, автор на стариот, јулијански календар е александрискиот астроном Созиген. Тој на иницијатива на Гај Јулие Цезар, во 46 година пред Исус, изработил календар, кој, според името на нарачателот, е наречен јулијански.
Но овој календар не бил сосема точен. Тој се разликувал за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева, тропска година. Оваа разлика за 400 години се искачила на 3 дена, 2 часа, 53 минути и 20 секунди, а пак во 1700 година таа изнесувала цели 10 дена. Денес таа изнесува 13 дена.
Во Средниот век тогашните учени ја воочиле неправилноста на јулијанскиот календар. Свесни за неточноста на календарот, во 1576 година, на иницијатива на папата Григориј Тринаесетти, била формирана посебна комисија од астрономи и математичари која имала за цел да спроведе реформа на јулијанскиот календар. По неколкугодишна работа, при што секако главни биле пресметките поврзани со позициите на ѕвездите, Сонцето и Месечината, комисијата предложила конкретни мерки за реформа на календарот. Мерките биле прифатени од папата, кој на 24-ти февруари 1582-та година издал посебна папска була позната како интергрависимус. Во овој документ биле содржани таканаречените Канонес ин Календарум Грегорианум, односно мерки за реформа на календарот. Со нив, меѓудругото, било утврдено пролетната рамноденица да биде фиксирана на 21-ви март, а со цел да се изедначи дотогашната разлика меѓу јулијанската и реалната, тропска година, која во 1582 година изнесувала 10 дена, било решено во таа 1582-ра година 5-ти октомври да се смета како 15-ти октомври. Новиот календар бил наречен грегоријански, според папата Грегориј, кој ја спровел реформата.