– Во дваесеттите години на минатиот век, Божик се третирал како главен празник, а дочекот на Нова година речиси воопшто и не се спомнува како празник

– За време на Втората светска војна, весникот „Целокупна Б’лгарија“, на пример, својот број од 31 декември 1942 година целосно му го посветува на празнувањето на Новата година, подарувајќи им на читателите ѕиден календар за Новата 1943 година

– По ослободувањето, сосема го снемува Божик, а Новата година се спомнува само во новогодишните говори на Тито и во бирократските меѓусебни телеграфски честитки на политичарите, со посебен осврт на „големите успеси на народот, народностите и работничката класа.“

Блаже Миневски

Темна, студена, новогодишна ноќ. Скопје, 1921 година. Мачките и кучињата спијат заедно. Само Вардар тивко жубори под мостот. Во таа тишина, одеднаш се слуша посмртен марш:

„Точно на полноќ се изгасија ламбите, и беше отсвирен посмртниот марш а потоа, со танц, со брза игра на танчери и танчерки, беше објавено доаѓањето на Новата година…“, пишува еден од весниците што излегувале во градот меѓу двете светски војни.

А што се случувало пред тоа?

Според „празничниот“ број на скопскиот неделник „Привредни гласник“, орган на Скопската трговска младина, објавен на 13 јануари 1921 година, дочекот на Новата година не е тема за насловна страница. Напротив, објавена е само една, сосема кратка информација, односно потсетување на веќе најавена трговска вечер во чест на Новата година:

„Подготовките околу организирањето на забавата, за која порано веќе информиравме, сега привршуваат. Вечерва во ресторанот „Зрински“, голем број овдешни трговци ќе се соберат во пресрет на Новата година и ќе поминат пријатна другарска вечер, чија главна цел е меѓусебно запознавање и зближување на трговците“.

„Ја пијам оваа чаша за пријателство и другарство меѓу трговците!“

Ете тоа е единствената информација во врска со дочекот на Новата 1922 година во Скопје. Притоа не се спомнува цената на „аражманот“ во „Зрински“, но, на истата страница, неделникот, кој се продавал за половина тогашен динар, доволно само за четврт килограм брашно, објавува „празнична“ табела со цените на скопските пазари па лесно може да се види колку би можела да чини една прослава на Нова година во домашен амбиент. Според „пазарниот барометар“, брашното се продавало за два динари килограм, гравот за пет, кашкавалот за 40 динари, јагнешкото месо за 8 динари килограм, свинското и говетското чинеле по 12 динари, сланината се продавала по 15 динари за килограм, а сирењето по 16 динари за килограм, кочанскиот ориз се продавал за 7,5 динари, зејтинот 22 динари за литар, килограм кафе можело да се купи за 22 динари, шеќерот се продавал за 15,5 динари а оние што сакале шеќер во коцки морале да додат уште три динари плус. Виното, според табелата објавена на 13 јануари 1921 година, значи неколку часа пред новогодишната ноќ, се продавало за 8 динари по литар а ракијата двојно поскапо – 16 динари за литар. Интересно е и тоа што на пазарот можело да се купи и опиум, чија цена за килограм била 190 динари, но не е за верување дека некој сметал на нешто такво на „празничната трпеза“.

Седум дена подоцна, во бројот од 20 јануари 1921 година, неделникот „Привредни гласник“ објавува информација и за тоа како поминала најавената Новогодишна забава на Скопските трговци: „Скопската трговска младина имаше среќна идеја во пресрет на Новата 1922-ра година да организира другарска вечер, која, над очекувањата, излезе најдобро што можеше да биде. Уште во 8.30 часот вечерта почна да се собира елитата на нашето трговско друштво. Дамите, елегантно облечени, љубезно беа пречекувани од страна на организаторите, радосни што им се даде прилика во друштво на своите познаници и пријатели да ја испратат Старата и да ја дочекаат Новата година.

На заедничката вечера присуствува голем број трговци со своите семејства. Пред крајот на вечерата, господин Спира Милошевиќ, претседател на Скопската трговска младина, ги поздрави гостите со следниот говор…“ , и се цитира целиот говор на претседателот.

Во говорот, тој, меѓудругото, нагласува дека се собрале во „сјаен број за испраќање на Старата и пречек на Новата година“, но и дека ја искористиле можноста „да се видиме, да се запознаеме, зошто само она што се познава, само тоа и се сака, како што вели една мудра поговорка“.

Во продолжение на говорот додава дека „ние, во Скопје, сме на раскрсницата на стариот и новиот живот“, а за новото што доаѓа, токму трговците, како што вели, треба да играат една од важните улоги:

„Трговијата, господа и браќа, е најмногу неутрална, затоа таа е најпогоден терен преку неа да се изврши историска преобразба од минатото кон иднината….Ја пијам оваа чаша за пријателство и другарство меѓу трговците“, завршил претседателот на Скопската трговска младина а гостите бурно го поздравиле.

Веднаш потоа гостите ги поздравил и специјалниот гостин на вечерта, Тодор Васојевиќ, директор на филијалата на Народната банка на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во Скопје. Според новогодишниот извештај на неделникот, за време на вечерата свирела воена музика., а младите, како што пишува известувачот, одвај чекале да почне игранката.

Половина час пред полноќ, Бора Миловановиќ, адвокат, со убава импровизација, како што вели новинарот, ја испратил старата година, набројувајќи што ѝ донела на младината. Посебна внимание посветил на „Привредни гласник“, органот на младите скопски трговци:

„Точно на полноќ, – пишува во извештајот објавен седум дена по дочекот на Новата 1922 година, – се угасија ламбите, и беше отсвирен посмртниот марш а потоа, со танц, со брза игра на танчери и танчерки, беше објавено доаѓањето на Новата година. Другарската вечер траеше сé до утрото.“

Божик далеку поважен од Новата година!

Во дневниот весник „Наша Стара Србија“, кој, исто така, излегувал во Скопје меѓу двете светски војни, во бројот од први јануари, во рубриката вести, е објавена честитка за Нова година: „На сите свои читатели од католичка вера им ја честитаме Новата 1925 година“. И тоа е сé. Главните празнични инфромации се поврзани со Божик, кога излегува троброј за 6, 7 и 8 јануари 1925 година, а на насловната страница се најавува претстојното празнување на Божик со редакциски воведник што ги сублимира најглавните настани од претходната година. Во воведникот меѓудругото се вели дека во „втората половина на минатата 1924 година ненадејно се тргна силно напред, преземените обврски успешно се реализирани, така што денес имаме една доста чиста ситуација, која ќе се разбистри уште повеќе, па со право може да се надеваме дека идната година ќе имаме потполна стабилност на ситуацијата со многу веќе завршени работи.“

Во продолжение на Божикниот текст се вели:

„Каква само разлика има меѓу денешниот Божик и оној од минатата година! Да го земеме само прашањето на качаците и комитите. Колку само во таа работа се тргна напред! Лани имавме крвав Божик, многу куќи беа завиени во црно, тешко неспокојство и страв се вовлекоа во душите на населението, па и празникот му преседна… Денес веќе нема ништо од тоа; комитите ги снема, ги снема и качаците, и една широка радост завладеа долж нашите ридишта и долини, радоста на првиот среќен Божик во татковината…“

Во истиот број, на втората страница, се најавува одењето по бадниково дрво: „Денес во 1 часот попладне ќе се соберат кај Офицерскиот дом граѓани и офицери кои ќе одат да пресечат бадниково дрвце во околината на болницата „Полумесечина“. Ќе се оди со коњи, коли, и останати превозни средства. По враќањето ќе има закуска и игранка во Домот“.

Граѓаните и офицерите бездруго тргнале и се вратиле со бадникови гранчиња во Офицерскиот дом на Плоштадот во Скопје, а во црквите веќе течеле најавените богослужби, чиј распоред бил објавен во весникот. Според тој распоред, камбаните веќе ѕвонеле во 6 часот за утринска богослужба, во седум часот биле одржани таканаречените „Царски часови“, а во осум часот се одржала и Литургијата на свети Василије во сите скопски цркви. За пет часот попладне, истиот ден, значи во вторник на 6 јануари 1924 година, било предвидено бдение во црквата Свети Димитрија со настап на Рускиот хор.

За следниот ден, за првиот ден на Божик, според најавата, службите ќе почнувале во 4 часот наутро со утринска богослужба, а веднаш потоа следувала светата литургија во сите цркви во Македонија. Втората литургија во Соборната црква било предвидено да почне во 9 часот, а вечерната во 3 часот попладне. За вториот и третиот ден на Божик, утрински молитви биле закажани во 7 часот, а литургиите во 8 часот.

Утекаја, бре, то прасиње са све сандук!“

Во истиот празничен троброј на весникот од 1924 година, на страницата каде што се објавени новинарски цртички, записи и занимливости, објавена е и една куса репортажа што ја отсликува атмосфера околу тој Божик во Скопје:

„Околу Божик сите како да влегоа во некаква бркотница за да се набави барем прасе, ако друго веќе не може. Тоа е убав обичај, но за денешните прилики, скап и опасен! А народот вели: „Дури не цикне прасе, нема Божик!“ Децата сакаат „гуденце“, мајките сакаат радост во куќата, да замириса на мевце, па таткото, сиромав, како знае и умее, мора да створи прасе по било која цена. Пред неколку дена на овдешната станица, во близина на поштенските магацини, настана една невидена бркотница. Се растрчаа и џандарите и поштенските службеници, бараа некакво поштенско прасе! Некои тврдеа дека е украдено, а други дека побегнало. Ваму-таму, нигде го нема. Ауф! Зарем баш овој сиромав да го плати. Кога не е виновен: „Утекаја, бре, то прасиње са све сандук! Јазк, че платим, а ја Божик че проведем са тија моји робови без мрс! Пусто тоа поштенско прасе! Јазк, јазк!“

Ете и вакви текстови се објавувале во празничниот број на скопскиот дневен весник. Претходно, пред Божиќ, и тогаш, во 1924 година, повторно се собрале граѓани и офицери пред Офицерски дом, чекајќи да дојдат коњите кои на располагање, за отсекување на бадниковото дрвце, ги отстапил седмиот коњички и артилерскиот полк. Околу два часот стигнале коњите, а пред да тргне колоната, воената музика отсвирила неколку музички точки. Проблемот настанал кога една група Скопјани, собрани пред Домот, побарале и нив да им се додели по еден коњ за да јаваат и тие до местото каде што ќе се сече бадниковото дрвце, но од страна на еден од кралските офицери им било речено дека „воените лица имаат предност пред граѓанството“.

Потоа дошло да мали нереди од страна на момчињата, кои набрзо биле смирени од полковникот Бранковачки и неговиот аџутант. Кога сите офицери добиле коњи, а со нив и само неколку „обични граѓани“, колоната тргнала кон веќе одреденото место за сечење на бадниковото дрво. Напред одел полковникот Бранковачки, зад него еден наредник со тробојката, а по него воената музика на бели коњи. По пат имало и малку веселба, некои почнале дури и да пукаат, но полковникот Бранковачки веднаш забранил да се пука.

Откако го пресекле „бадникот“, бадничарите отишле прво да му дадат гранче на градоначалникот Сапунџиќ, всушност Сапунџиев, кој им подарил едно шише коњак, кое за неколку секунди било празна, а потоа бадникарите истото го повториле и кај командантот на армијата Божо Терзиќ, кој изнел еден балон вино и една кутија цигари „Јадран“, кои, исто така, моментално биле разграбени. Следен „клиент“ на тој фуриозен бадникарски јуриш бил жупанот Валдовиќ, каде што исто така имало послужување, но репортерот не кажува што и колку. Потоа славеничката коњица се вратила во Офицерскиот дом каде што била организирана веселба и послужување кое траело долго, а потоа, како што пишува, сите се разотишле, брзајќи секој кон своите куќи за да се привршат работите за утрешната свечена прослава на празникот.

(продолжува)