Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 22 февруари.

Денеска е Наоѓање на моштите на св. маченици што пострадаа во Евгенија.

Во времето на императорот Аркадиј (395-408), на некојси клирик Никола Краснописец Бог му го откри местото каде се наоѓаа моштите на неколкумина маченици. Тоа место се наоѓаше во градот Евгенија. Се претпоставува дека меѓу нив се и моштите на свети Андроник и Јунија, кои апостолот Павле ги спомнува во посланието до Римјаните. Од таа причина, царот Андроник Први во дванаесеттиот век, над моштите на овие маченици, подигна црква посветена на свети Андроник.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Перпетуа и Фелицита.

Поради верата во Христос тие биле мачени во 202-та година за време на владеењето на римскиот цар Септимиј Север. Перпетуа била жена која потекнувала од угледна фамилија. Нејзиниот татко бил паганин, а нејзината мајка христијанка. Имала едно дете, а Фелицита и била слугинка. Кога се породувала во затворот, стражарот и рекол: “Ако сега толку викаш, што ќе правиш кога ќе бидеш фрлена пред ѕверовите?”. Светата маченица му одговорила: “Сега сама ја поднесувам болката, но тогаш во мене ќе биде Исус”.