Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 април.

Денеска е Преподобен Јован Старопештерник.

Живеел во осмиот век. Како млад многу патувал, среќавајќи се со големите духовници во тоа време, полека подготвувајќи се и самиот да се повлече од светот. Подоцна се населил во стариот манастир, основан уште од свети Харитон Исповедник (од третиот до четвртиот век) близу Ерусалим. За црква во овој манастир служела една пештера во која престојувал свети Харитон, па затоа и Јован бил наречен Старопештерник.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Атаназиј.

Бил роден во Египет, во 295 година. Во 328 година го наследил бискупот Александар. Свети Атаназиј често бил прогонуван од својата бискупија и храбро се борел против ариевците. Напишал многу записи во кои ја објаснувал и бранел верата. Умрел во 373 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Рамазан Бајрам.

Верниците од исламската вероисповед денеска го слават верскиот празник Рамазан Бајрам со кој завршува светиот месец Рамазан и се означува крајот на едномесечниот пост. Рамазанските пости претставуваат една од основните обврски на муслиманските верници. Прославата за рамазанскиот – Бајрам трае три дена. На првиот ден се извршува утринска молитва – Бајрам Намаз, а во состав на прославата се разменуваат подароци и се посетуваат роднините и пријателите. Исламското учење вели дека во светиот месец Рамазан е објавена светата книга Куран.