Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 октомври.

Денеска е Преподобна Параскева-Петковден.

Во народот позната како света Петка. Неа и е посветена црквата во долниот дел на скопската населба Црниче. Била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и биле имотни и побожни христијани. Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизавала во пост и молитва до својата старост. Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години. Се успокоила во Господа во единаесеттиот век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во Романија, во градот Јаши.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Винко, маченик.

Тој живеел во Шпанија во четвртиот век. Како христијанин бил фатен и измачуван од страна на пратеникот на Диоклецијан за Шпанија, Максимин Даја. Винко влијаел на стражарите со својата добрина, така што тие го пуштиле да избега од затворот. Даја веднаш испратил потера по нив, која го фатила Винко, заедно со неговите две сестри, Сабина и Кристета, по што тројцата биле ѕверски мачени.