Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 октомври.

Денеска е Преподобна Пелагија.

Оваа Пелагија потекнуваше од Антиохија и Господ и дал голема телесна убавина. Таа своја убавина Пелагија ја користеше за блуд, па така собра големо богатство. Еден ден таа отиде во црквата во која проповедаше епископот Нон и ја слушна неговата беседа за страшниот суд. Тоа толку ја потресе, што реши сосема да се измени. Откако Нон ја крсти, таа отиде во Ерусалим и се затвори во една келија на Елеонската Гора, живеејќи како монах Пелагиј. Откако преку пост и молитва ја исчисти душата од страстите, таа се удостои за небесното царство и се упокои околу 461 година. Денес се слави и преподобна Таиса, која има слично житие како и Пелагија.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Уршула.

Таа била христијанска девица која загинала во Келн како маченичка во четвртиот век. Како англиска кралска ќерка, со бројната придружба тргнала на аџилак во Рим, а на патот во Келн, била убиена од Хуните. Како млада девојка му се предала на Господ, дека ќе му служи како девица, т.е. дека нема да се омажи. Во Католичката црква постојат сестри Уршулинки, кои ги воспитуваат девојките во христијанскиот живот. Света Уршула ја повикуваат на помош, повредените од изгоретини. Ја нарекуваат и заштитничка на бракот и учителка.