Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 5 септември. Денеска е Св. пророк Захариј.
Свети пророк Захариј е таткото на свети Јован Крстител. Потекнуваше од свештеничкото Ароново племе. Син му Јован му беше даден кога тој и жена му Елисавета беа во поодминати години, како дете на верата, т.е. заради нивниот свет живот и цврстата вера во Бога.
Животот го заврши маченички, беше погубен од Иродовите војници покрај олтарот.
Според Грегоријанскиот календар денеска е Св. Иван Макиас.
Бил роден во 1585 година во Рибера дел Фресно во Шпанија. До 25-годишна возраст живеел мирен побожен пастирски живот. Потоа се одлучил да живее монашки живот во редот на Доминиканците. Се молел за грешниците, за душите во чистилиштето и за своето спасение. Додека им помагал на сиромашните, размислувал за човечката бесмртна душа. Свети Иван Макиас умрел во 1645 година.