Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 22 октомври.

Денеска е Св. рамноапостол Аверкиј.

Црквата го нарекува рамноапостол заради неговите успеси во проповедта на Евангелието, слични како на апостолите. Во време на император Антонин беше епископ во Ерапол, Фригија. Заради неговиот доблесен живот и чудата што ги правеше во Христово име, малку по малку се крсти целиот Ерапол, инаку до тоа време скоро чисто пагански град. На старост бил повикан во Рим, каде што ја исцелил полудената царева ќерка. Го проповедал Евангелието и во Сирија и Месопотамија.

Овој Христов светилник се пресели во небесните населби кон крајот на вториот век, откако доживеа длабока старост.

Католички календар: Денеска е Св. Карло Боромео.

Роден е во 1538 година во северна Италија во богато семејство. Студирал право и со највисоки оценки станал доктор на цивилно и црковно право. Папата Пио Четврти, му бил вујко и го назначил за надбискуп и кардинал на Милано. Можел да има околу себе службеници кои ќе работат се, но го намалил нивниот број и сам ги извршувал работите. Одел меѓу верниците, им ја зајакнувал верата и ги поттикнувал на добри дела. Свештениците ги повикувал на состаноци и ги советувал добро да работат со верниците. Имал високи приходи од црковниот имот, кои им ги давал на сиромашните, а самиот живеел скромно. Духовно ја обновил цела северна Италија. Му се молат свештениците и бискупите со цел да не ги совладаат парите, туку работата за јакнење на верата на верниците.