Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 24 април.

Денеска е Св. Сава Стратилат.

По потекло бил Гот. Живеел во третиот век и бил војсководец во Римската војска за време на императорот Аврелијан. Христијанството го примил додека служел во војска. Местото на кое се наоѓал му давало можност да ги посетува и помага христијаните кои во тие векови биле масовно затворани по затворите. Кога дознал за неговото дејствување императорот го извел на суд. Свети Сава ја исповедал верата пред царот, ги симнал воените ознаки и во срцето се подготвувал за измачувањето. По најразлични маки, тој бил удавен во една река. Додека траеле измачувањата, гледајќи го сведоштвото на Сава, во Христа поверувале 70 војници кои по наредба на императорот веднаш биле осудени на смрт.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Дујам.

Живеел за време на Диоклецијановите прогонства на христијаните. Тој бил бискуп на Солин и еден од светците кој според животното сведочење со зборови, дела и мачеништво, им го приближил Господ на луѓето. Свети Дујам бил бискуп од 284 до 304 година, кога загинал за Диоклецијановите прогонства.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 45 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 25 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.