Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 18 август.
Денеска е Упокојување на преподобен Јован Рилски.
Потекнуваше од околината на Софија. Се подвизуваше на планината Рила, живеејќи во едно шупливо дрво, далеку од очите на светот. А кога некои овчари по Божја промисла го пронајдоа, тој му стана светилник на светот па многумина доаѓаа кај него за секаква помош. Забележено е дека и бугарскиот цар Петар одел кај него да се советува. Се упокои мирно на 18 август 946 година. Неговите мошти беа пренесени прво во Софија, па во Унгарија, па во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што се наоѓаат и денес.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Рајмунд Нонат.
Бил роден во 1200 година во Портелу во близина на Барселона. На 24-годишна возраст стапил во редот на мерцедиевците кои ги ослободувале робовите. Така и Рајмунд му се посветил на ослободувањето на шпанските робови заробени од страна на Сарацените и Маурите.
Подоцна заминал во Алжир каде работел. Поради активностите како христијанин бил затворен осум месеци. Неговата стрпливост и истрајност му овозможиле храбро да ги поднесе мачеништвата. Свети Рајмунд умрел во 1240 година.