Сакаме да оддадеме почит за огромните влијание и богата култура што македонско-американската заедница ѝ ги донесе на нашата нација. Минатиот месец беше особено значаен, бидејќи се одбележа независноста на тогашната Република Македонија од Југославија на 8 септември 1991 година – извонредно достигнување што ја отелотворува издржливоста и трајниот стремеж како единствена земја која ги достигна својата независност и слобода по мирен пат, наведува американската потпретседателка и кандидат за шеф на државата Камал Харис во писмото упатено до Обединета Македонска Дијаспора (ОМД).
Пред неколку недели, Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) испрати прашалник до кампањите на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп и до актуелната потпретседателка Камала Харис со релевантни приоритети и барања од македонско-американската заедница.
Ова, како што наведуваат од ОМД, е можност директно да се слушне од претседателските кандидати за прашања што се важни за македонските Американци.
– Прашањата се однесуваа околу прогласувањето на септември за месец на македонско-американското наследство, засилување на стратешкиот дијалог и партнерство меѓу САД и Македонија, за потенцијален договор за двојно оданочување меѓу САД и Македонија, како и за вклучување на Македонија во програмата за укинување на визи за САД.
Се проценува дека во САД живеат над половина милион Американци со македонско потекло.
ОМД, непартиска, неполитичка и невладина организација, не поддржува и не може да поддржува политички кандидати за јавни функции. Како водечки глас за Македонците во САД, ОМД ги едуцира креаторите на политики за прашања од интерес за Македонците, а споделувањето на одговорите што ги добиваме се од информативна природа и не претставуват поддршка или охрабрување на еден или друг кандидат, соопшти Обединета Македонска Дијаспора.
ОМД доби писмо од потпретседателката Камала Харис. Во продолжение е интегрално писмото од Харис.
„До македонско-американската заедница:
Со изминување на септември, месец посветен на македонско-американското наследство, сакаме да го искористиме овој момент за да оддадеме почит за огромните влијание и богата култура што македонско-американската заедница ѝ ги донесе на нашата нација. Минатиот месец беше особено значаен, бидејќи се одбележа независноста на тогашната Република Македонија од Југославија на 8 септември 1991 година – извонредно достигнување што ја отелотворува издржливоста и трајниот стремеж како единствена земја која ги достигна својата независност и слобода по мирен пат.
Повеќе од еден век, македонските имигранти бараат заштита и можности во САД, водени од клучните историски настани како што се Илинденското востание, Балканските војни и глобалните конфликти во 20 век. Од 1880-тите, десетици илјади Македонци најдоа нов дом овде, придонесувајќи за богатата разноликост на нашата нација. Денес, околу 500.000 поединци со македонско потекло прогресираат и придонесуваат во заедниците низ нашата држава.
Силното присуство на Македонци во држави како Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Флорида, Пенсилванија и Калифорнија, говори доволно за трајниот придонес. Македонските Американци се истакнаа во различни области – независно дали се работи за бизнис, технологија, уметност или медицина. Претприемачите ја зајакнаа нашата економија, спортистите донесоа дома олимписки медали, а уметниците го збогатија нашиот културен пејзаж, истакнувајќи ги неверојатните таленти што произлегуваат од оваа заедница.
Покрај придонесите кон економијата и културата, македонските Американци активно се вклучуваат во нашата демократија. Многумина служат во законодавните тела и граѓански организации, рефлектирајќи ги принципите на слобода и заедница што ја прават нашата држава посилна. Нивната посветеност во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија.
Ги славиме не само извонредните достигнувања на Македонците, туку и богатото наследство што вие продолжувате да го градите. Ајде да се здружиме за да го признаеме длабокото влијание на македонските Американци во обликувањето на разновидниот дух на САД. Вашите придонеси ја подобруваат силата и карактерот на нашата нација и со нетрпение очекуваме да го продолжиме овој пат заедно.
Срдечен поздрав,
Потпретседателка Камала Харис“
Од ОМД велат дека се уште чекаат одговор од поранешниот претседател Доналд Трамп и штом го добијат ќе го споделат со јавноста.
Фото: МИА архива