Денеска, за време на редовната посета на КПУ затвор Скопје, Јордан Камчев повторно се пожалил на своите бранители на влошена здравствена состојба, јавува Вечер.

Имено, во текот на вчерашната вечер Камчев во затворот имал гушење, голема главоболка и се чувствувал многу лошо, но во КПУ затворот во Скопје во моментот немало дежурен лекар за да го прегледа и интервенира па поради сериозноста на состојбата викната е брза помош, констатирано е зголемен крвен притисок и на Камчев му е дадена соодветна, моментална терапија.

Утрово, и покрај примената терапија од брзата помош во текот на вчерашната вечер, Јордан Камчев повторно бил во лоша здравствена состојба и со возило на брзата помош е пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје.

По реакција на лекарскиот тим на Клиниката за кардиологија во Скопје и по стабилизирање на состојбата на Камчев, тој е вратен во КПУ затвор Скопје каде што ја издржува мерката притвор.

-Неколку пати како одбрана реагираме на сериозно влошената здравствена состојба на г-динот Јордан Камчев, која што очигледно продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика.

Со фамилијарен историјат на кардиоваскуларни болести, Камчев од својата 15-та година прима соодветна терапија за оваа здравствена состојба, а пред само десетина дена поради влошување на состојбата тој пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје.

Сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни, релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот, наведуваат од правниот тим на Камчев