Избори ќе има или на крај од 4 годишниот мандат или ако дојде време да донесеме сериозни одлуки за националните прашања, но тоа нема да биде пред мај, рече коалициониот партнер во грчката влада Панос Каменос по завршувањето на состанокот на пратеничката група и извршниот комитет на Независни Грци.

Каменос говореше за излезот на Грција од последната програма за финансиска помош на земјата, и рече дека сега, откако заврши ерата на меморандуми, владата пред себе има две цели, да се бори со корупцијата и да работи на развојот.

– Успеавме од мета на странските медиуми, Грција сега да биде центар на еден круг на стабилност со силни геополитички договори, не само со нашите партнери во НАТО и Европската унија, туку и со Израел, со Египет, Јордан, Балканот. Успеавме Грција да биде таа која ги води разврските во нашиот поширок регион. И токму со извршување на овој мандат од народот ќе стигнеме до избори, кога ќе заврши уставниот мандат или кога ќе дојде оној период кога ќе треба да донесеме сериозни одлуки за нашите национални прашања. Додека да дојде тој момент, а сигурно нема да биде пред мај, пред нас имаме тешка работа, рече претседателот на Независни Грци и коалиционен партнер во грчката влада.

Каменос, до сега неколку пати јавно има кажано дека нема да го поддржи Договорот од Преспа, а во неговото последно интервју за радиото „Реал фм“ пред две седмици рече дека пред Договорот да дојде во грчкиот парламент, Независни Грци ќе ја напуштат владата, а земјата ќе оди на избори