Париската полиција денеска запре 500 возила што се обидоа во конвои да влезат во градот во знак на протест против епидемиолошките мерки против коронавирусот.

„Возилата беа пресретнати на три влеза во француската престолнина и беа изречени повеќе од 150 казни“, јави полицијата на Твитер.

Полицијата мобилизираше 7.200 полицајци, постави контролни пунктови и довезе оклопни транспортери и водени топови како подготовка за спречување на блокадите и протестот.

Инспирирани од канадските протести наречени „Конвој на слободата“, возачите од голем број градови низ Франција се обидуваат да им пркосат на наредбата на полицијата да не влегуваат во градот.

Илјадници противници на епидемиолошките мерки воведени во борбата против пандемијата на Ковид-19 од синоќа се сконцентирани во предградијата на Париз, откако вчера во конвои пристигнаа од цела Франција.

Француските власти соопштија дека денска и следните два дена се решени да спречат каква било блокада на главниот град.