Канадскиот премиер Марк Карни изјави денеска дека неговите разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг претставуваат „пресвртница“ во затегнатите односи меѓу Кина и Канада кои траат веќе неколку години.
Разговорите вчера меѓу претседателот на Кина и премиерот на Канада, на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужнокорејскиот град Гјонгџу, беа првите меѓу лидерите на двете земји од 2017 година.
– Сега го деблокиравме патот за решавање на непосредните проблеми, изјави Карни за новинарите во Гјонгџу, објаснувајќи дека сега има „директна линија“ со Пекинг.
Тој посочи дека нивната општа дискусија била конструктивна и додаде дека го покренал прашањето за „странско мешање“ во Канада што му се припишува на Пекинг.
Карни прецизираше дека ја прифатил поканата на Си Џинпинг да ја посети Кина на „почетокот на следната година“.
„Ги замолив нашите министри и функционери да работат заедно за да најдат решенија за сегашните предизвици и да ги идентификуваат областите за соработка и раст“, рече Карни.
Односите меѓу Пекинг и Отава се заладија во 2018 година по апсењето во Канада на директорот на кинеската технолошка компанија „Хуавеи“ и притворањето од страна на Пекинг на двајца Канаѓани под обвинение за шпионажа.
Во јули, Марк Карни најави царина од 25 проценти за увоз на неколку категории челик од Кина. Следниот месец, Пекинг најави дека ќе започне со воведување привремена царина од 75,8 проценти за увоз на канадска маслодајна репка, маслодајно семе што се користи за храна и биогориво.




