САД, Австралија и Велика Британија синоќа ги открија деталите за планот со кој Австралија ќе се снабди со офанзивни подморници со нуклеарен погон на почетокот на следната деценија за да се спротивстават на амбициите на Кина во индо-пацифичкиот регион.
Говорејќи на церемонијата во американската поморска база во Сан Диего, придружуван од австралискиот премиер Ентони Албанес и британскиот премиер Риши Сунак, американскиот претседател Џо Бајден го нарече договорот во рамките на партнерството AUKUS 2021 како дел од заедничката заложба за слободен и отворен индо-пацифик со двата „најцврсти и најспособни сојузници“ на САД.
На церемонијата во Сан Диего, Бајден истакна дека подморниците ќе бидат на нуклеарен погон, а не нуклеарно вооружени. – Овие пловила нема да имаат нуклеарно оружје од каков било вид на себе, рече тој.
Сунак истакна дека станува збор за „моќно партнерство“.
– Ова значи дека за првпат три подморнички флоти ќе работат заедно преку Атлантикот и Тихиот Океан, одржувајќи ги нашите океани слободни во следните децении, додаде тој.
Според договорот, САД ќе ѝ продаваат на Австралија три американски подморници од класата Вирџинија на нуклеарен погон на почетокот на 2030-тите, со опција Австралија да купи уште две доколку е потребно, се вели во заедничката изјава.
Се посочува дека проектот ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници, SSN-AUKUS – „трилатерално развиено“ пловило, заснована на британски дизајн од следната генерација што ќе биде изграден во Велика Британија и Австралија, со помош на најнапредната американска технологија.
Велика Британија ќе ја добие својата прва подморница SSN-AUKUS кон крајот на 2030-тите, а Австралија ќе ја добие подморницата на почетокот на 2040-тите.
BAE Systems и Ролс Ројс ќе ги градат подморниците.
– Договорот АУКУС што го потврдуваме овде во Сан Диего ја претставува најголемата поединечна инвестиција во австралиските одбранбени капацитети во нашата историја, зајакнување на националната безбедност и стабилност на Австралија во нашиот регион, рече Албанес на церемонијата.
Австралиски воен претставник изјави дека проектот ќе чини 368 милијарди австралиски долари до 2055 година.
Како дел од AUKUS, Вашингтон споделува нуклеарна технологија за првпат од 1950-тите кога беше споделена со Велика Британија.