Германскиот и австрискиот канцелар Олаф Шолц и Карл Нехамер се изјаснија против целосно ембарго за увоз на гас и нафта од Русија, но рекоа дека нема да има олеснување на санкциите.
– Санкциите имаат смисла само ако го погодат оној што треба да го погодат, а не да ги ослабат оние што ги воведуваат, објасни Нехамер на заедничката прес-конференција во Берлин.
Тој рече дека е страшно чувството да се биде зависен од рускиот гас, но неговата задача како канцелар е да се грижи за енергетската безбедност на Австрија.
Во врска со најавата на претседателот на Русија, Владимир Путин, дека гасот од неговата земја во иднина ќе треба да се плаќа во рубљи, Нехамер рече дека чека писмено известување, па дури потоа ќе го каже својот став.
Сепак, тој рече дека санкциите никако нема да се ублажат.
Шолц истакна дека Германија ги погледнала договорите и оти тие наведуваат дека се плаќа во евра, што, како што вели, му го пренел и на Путин дека така ќе остане.
– За европските компании важи дека можат, сакаат и ќе плаќаат во евра, рече тој.
Шолц претходно најави дека Германија ќе ја отстрани зависноста од рускиот гас и нафта во текот на годината.
Нехамер информира дека од почетокот на војната во Украина, Австрија не увезува нафта од Русија, а јаглен не увезува долго време.
Шолц и Нехамер се согласија да ги усогласат своите ставови и го повикаа Путин да го прифати примирјето, да обезбеди граѓаните да добијат хуманитарна помош и да се ангажира во вистински мировни преговори.