„Млади во фокусот на кандидатите за градоначалници за град Скопје на претстојните локални избори 2021” е темата на јавната дискусија што ја организира денеска Здружението на граѓани „Младите можат“.
Во фокусот ќе бидат младите и младинските политики што ги предвидуваат кандидатите за градоначалници на град Скопје во своите програми за претстојните локални избори.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) што го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Проектот цели кон поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите кои се одблизу набљудувани од граѓаните.
Според најавата за јавната дискусија, учесници ќе бидат Петре Шилегов, Данела Арсовска, Ана Петровска, Арбен Шаќири и Петар Георгиевски.
По дискусијата, младите присутни на настанот ќе имаат можност да постават прашања и да остварат дијалог со панелистите, со цел да се дискутираат клучните приоритети за младите во град Скопје, во пресрет на локалните избори.