Италијанскиот стратег Фабио Капело оцени во разговор за „Газета дело Спорт“ дека неговиот поранешен клуб Милан има реални шанси сезонава да ја освои титулата во Серија А.

– Во вакви чудни околности во кои се игра фудбалот, Милан има добра шанса. Пиоли има многу опции, екипата е одлична, но најважно е дека сите веруваат во тоа. Погледнете го Ибрахимовиќ. Не само што ги тресе противничките мрежи, туку со својот стас и гард ја влече екипата напред. Ако биде пример за соиграчите, тогаш имаат шанса, оцени Капело.

Тој, сепак, додаде дека Интер, за него, останува главен претендент за титулата во Италија.

– Останувам на својата прогноза. Интер е најопасната екипа во Серија А, но Конте мора да го размрда тимот и да го врати на вистинскиот пат, додаде Капело.