Лидерот на Беса, Билал Касами реагираше на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека „процеси што се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценување“, во одговор, пак, на вчерашната изјава на Касами дека Беса ќе ги поддржи измените на Уставот, под услов власта да се согласи на одржување предвремени парламентрани избори следната пролет.
Касами, како што вели, разбира дека премиерот Ковачевски е во незавидна ситуација и немајќи политички капацитет и легитимитет да ја води Владата, тој ги толкува различно политичките позиции на Движењето БЕСА.
-Барањето за предвремени парламентарни избори е барање на мнозинството граѓани бидејќи оваа влада не произлегува од легитимитетот добиен од последните парламентарни избори, затоа премиерот не треба да меша тези за уставни измени и предвремени избори, стои во реакцијата.
Додека кога зборуваме за уставните измени, се додава во соопштението, Беса уште еднаш го потврдува својот став дека бара да се отстрани терминот „20 проценти“ и да се замени со терминот „албански јазик“, се наведува во реакцијата на Касами.
-Почитуван премиере, секој што е против јазикот на еден народ, особено во околностите на Северна Македонија, нужно е против европските вредности и Европската Унија, стои во реакцијата на Касами.
Во однос на ставот на Беса за уставните измени, Ковачевски повтори дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање и оти не е фер кон граѓаните вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени.
Ова, посочи тој, не е последната одлука до зачленување на Македонија во ЕУ, додавајќи дека уште тешки одлуки ќе има на тој пат, кој појасни дека е неповратен процес и единствено може да биде закочуван од страна на оние коишто се противат на членството на Македонија во ЕУ.