Околу 10 илјади граѓани кои добиле помош од државата за купување домашни производи, добиле картички со нула денари, а на околу 30.000 граѓани картичките ги испратиле на адреса во други градови.

Како што објави ТВ Сител, картичките од банките што им стигнале на дел од граѓаните, кога тие отишле да пазарат, им биле одбиени оти на нив имало нула денари. Од Министерството за финансии велат дека дури денеска им префрлиле пари и ќе ги имаат на сметка до утре. Станува збор за дел од корисници чии жалби и приговори се прифатени, а на кои деновиве им биле издадени домашните платежни картички.

– Денеска беше инициран налог во Трезорот од страна на Генералниот секретаријат со кој се префрлени 32 милиони денари за прифатените приговори. Во текот на денешниот и утрешниот ден, банките ќе ги стават средствата на располагање на домашните платежни картички на граѓаните. Значи, не станува збор за превид, туку за нови корисници по усвоени жалби за кои дополнително се префрлаат средства, велат од финансии.

Друга група од околу 30.000 граѓани пак, се уште не можат да ги користат картичките, бидејќи им биле испратени во други градови, па чекаат да им се вратат. Тие бараат продолжување на рокот, но од министерството велат не се планира пролонгирање и до 15 август да ги потрошат парите. Целта на владината мерка било да се вбризгаат повеќе пари во покус рок, за да се придвижи економијата.

Досега се издадени 300.000 картички со околу 26 милиони евра, од кои веќе се потрешени 20 милиони.