Државјаните на Израел ќе можат да влезат во Катар за време на Светското фудбалско првенство, закажано од 21 ноември до 18 декември, објавија израелските министри за надворешни работи, одбрана и спорт.
Одлуката значи дека Израелците прв пат во историјата ќе можат да влезат во Катар со израелски пасоши, иако двете земји немаат воспоставено дипломатски односи.
Шефот на дипломатијата на Израел, Јаир Лапид, оцени дека станува збор за политичко достигнување кое ги „исполнува срцата на навивачите“ и е резултат на повеќемесечни преговори со ФИФА.
– Спортот има моќ да ги поврзува народите и државите. Среќен сум поради овие важни спортски и политички вести, кои исто така, им овозможуваат на израелските љубители да учествуваат во најголемата фудбалска прослава во светот. Многу израелски навивачи денес се среќни, изјави израелскиот министер за спорт Хили Тропер.