Во Романија се потврдени 3.183 случаи на коронавирус, починале 116 луѓе од кој број 36 само во град кој има околу 100.000 жители.
Кризата во здравството, сконцентрирана на една болница на североистокот на Романија, го влоши ширењето на коронавирусот во оваа земја, што беше причина за затворање на градот Сучево и околината за да биде запрено ширењето на заразата.
Сучево и околното подрачје се ставени во карантин на почетокот од оваа недела, и тоа е единствено подрачје во Романија кое е целосно затворено.
Во меѓувреме од околу 500 здравствени работници заразени со коронавирус, најмалку 200 се од локалната окружна болница, која беше жестоко критикувана поради лоши безбедносни мерки, лошо управување и немар.
– Тоа е катастрофа, а се случи поради недостатоци на раководството и управувањето со почетната состојба. Во недостиг на насоки од центарот тие импровизирале и направиле катастрофални грешки, а епидемијата се рашири во болницата и низ градот, изјави Богдан Танасе, шеф на ромаснкото здружение на лекари.
Се верува дека вирусот во градот стигнал заедно со 71-годишен маж, кој на крајот од февруари се вратил од Ломбардија во Италија, а подоцна бил примен во болницата со симптоми на коронавирус. Од тогаш вирусот брзо се раширил.