Поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева ќе бара одложување на издржувањето на седумгодишната затворска казна, најавува нејзината одбрана откако вчера Апелацискиот суд ја потврди првостепената судска пресуда за случајот „Рекет“.

Со тоа пресудата стана правосилна.

Нејзините адвокати велат дека ќе поднесат вонреден правен лек до Врховниот суд, но и дека кога ќе го добијат упатниот акт, ќе побараат одложување на издржувањето на затворска казна.

Кривичниот суд ја добил одлуката на Апелација, која одлучи да ја потврди затворската казна за Бојан Јовановски – Боки 13 од девет години и за Катица Јанева од седум години. Откако ќе се комплетира предметот ќе биде препратен до судија за извршување санкции, кој треба да издаде наредба Јовановски од куќен притвор да биде однесен во затвор.

Кога Катица Јанева, пак, ќе замине во затворот Идризово, ќе одлучува судот во Гевгелија оти е надлежен по место на живееење на поранешната шефица на СЈО. Нејзините адвокати очекувале дека Апелација нема да им ги одбие жалбите.

Според праксата на Кривичниот суд, лица кои се веќе во куќен притвор, со упатен акт се испраќаат во затвор. Дури потоа постои законска можност осудените да побараат прекин на издржување на затворската казна.

Катица Јанева е во куќен притвор од 19 ноември 2019 година, а претходно три месеци беше во затвор. Целиот овој период ќе и биде пресметан во затворската казна од седум години.

Боки 13 во домашен притвор е од 30 октомври лани, а претходно 15 месеци беше во истражниот затвор Шутка. И нему ќе му се пресмета овој период во казната затвор од девет години. Против него се води и случајот „Меѓународен сојуз“ за измами преку неговата хуманитана организација.