Во Росоман почнаа обуките за користење сопствени ресурси за развој на туризам и бизниси во рамки на проектот „Еногастрономски пат низ Тиквешијата“ што го спроведува Фондацијата „Тиквешки вински пат” со поддршка на Министерството за економија.

Виолета Јанкова, директор на Фондацијата која на полето на развојот на туризмот и особено винскиот туризам работи 12 години, информира дека проектот предвидува и изработка на еногастрономски водич за Тиквешијата. Следува и работилница на која ќе бидат вклучени сите фактори кои се значајни за туристичкиот развој.

-„Тиквешки вински пат” деновиве беше еден од кандидатите при избор на најдобри вински патишта на Европа и тоа во конкуренција со Италија, Франција, Португалија, Шпанија и Хрватска во Брисел. Потребна ни е поголема подршка од локалните самоуправи и државата за да продолжиме со промоција на територијата, регионот и самата држава, како и туризмот и винарството. Ние сме задоволни и од учеството на тој натпревар, зашто се слушна за „Тиквешкиот вински пат“ и Македонија, а се презентираше и видео материјал, со што доста луѓе во Брисел и во земјите учеснички слушнаа и се заинтересираа за нас, соопшти Јанкова.

Прогласувањето на наградите беше во Брисел, а настанот го отвори Директорот за надворешни акции на Совет на Европа, амбасадорот Золтан Таубнер.

Јанкова нагласи дека и во иднина ќе ги промовираат винските патишта, како основа за развој на туризмот во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во Македонија.

Во Росоман се одржа и вториот состанок од проектот „Земја на виното” кој е во рамки на прекуграничната соработка со Грција. Се разговараше за натамошните активности околу изградбата на центар за туристичка промоција и продажба на традиционални производи и вино.