-Ако Заев ја слушал изјавата што ја дадов во Приштина, а која трае 2 минути и 30 секунди, ќе знае дека јас го кажувам истото што му го кажав нему лично во 2019 година на лидерската средба која ја организиравме откако тој поднесе оставка поради француското одолговлекување и поради новата методологија за проширување на Европската Унија, рече претседателот Стево Пендаровски во гостувањето на Телма.

-Тоа што денеска го рекол премиерот Зоран Заев за мене не е во стилот на Зоран Заев и јас лично се сомневам дека некој од неговите познати ПР-стратези и советници му сугерирале да напише таква небулоза, дека е зачудувачки претседателот на државата да работи против интересите на граѓаните, изјави Пендаровски.

Според Пендаровски, Заев тогаш рекол дека е изневерен од ЕУ и дека треба да одиме на нови избори.

-На таа лидерска средба цели два часа разговаравме и јас тогаш му ги кажав моите загрижености кога станува збор за иницијативата „Отворен Балкан“, односно тогашен „Мини шенген“. Тогаш му реков дека ако иницијативата „Отворен Балкан“ значи компензација за полноправно членство во ЕУ, тогаш јас нема да ја прифатам таа иницијатива. Му реков, ако таа иницијатива е замислена како некаква идеја за реставрација на некаква Југославија, јас ќе бидам против. Исто така, му посочив и дека ако таа иницијатива се занимава со политика, а не со економија и со трговија, тогаш јас ќе бидам против. Заев тогаш нè убедуваше и нè убеди дека не станува збор за ништо такво, туку само за полесно преминување на границите – истакна Пендаровски.

Претходно, медиумите пренесоа дека Заев остро реагирал по вчерашната изјава на претседателот Пендаровски во која тој изјави дека иницијативата Отворен Балкан има недостатоци и не може да биде успешна. Заев за ТВ21 истакнал дека за него е неразбирливо зошто некој би бил против пријателство со соседите и против зближување на народите од Западен Балкан како и полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот.

„Видовме во минатото што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е било кое заговарање против Отворен Балкан. Особено неразбирливо е кога ваквата реакција доаѓа од претседателот на државата кој нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи. Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа, пред се економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, посочи Зоран Заев.