Бројни локални и меѓународни личности испратија писмо до белгиската Влада за да побараат итно да им се помогне на стотиците мигранти без документи кои штрајкуваат со глад и жед, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во отворено писмо до властите и граѓаните на Белгија познати белгиски личности, но и меѓународни фигури како режисерот Кен Лоуч, поранешниот член на групата Пинк Флојд, Роџер Вотерс, или филозофот Ноам Чомски, го кренаа гласот во солидарност со над 400 мигранти во Белгија кои од 23 мај штрајкуваат со глад, со барање да им биде регуларизиран статусот.
Над 150 илјади мигранти живеат без документи во Белгија поради нејасните законски правила на земјата во однос на регуларизација на престојот на странци. Некои од овие штрајкувачи живеат во Белгија повеќе од 30 години без легален статус, оставени на немилост на работодавци и структури кои ги експлоатираат.
Левиот дел од владината коалиција предупреди дека доколку еден од штрајкувачите почине сите нивни министри, социјалдемократите и зелените, ќе ја напуштат владата, што ќе значи вовед во нова политичка криза во Белгија.
Штрајкувачите пред пет дена почнаа и штрајк со жед, здравствените работници предупредуваат дека ситуацијата на терен е многу загрижувачка.
Во отвореното писмо до властите авторите ги критикуваат конфузните закони за регуларизација на престојот во Белгија.
-Барањата на мигрантите без документи се едноставни: регуларизација на штрајкувачите со глад прво и ставање на политичката агенда на јасни и трајни критериуми за регулација на лицата без документи под супервизија на независна комисија, пишуваат авторите.
Тие го критикуваат државниот секретар за азил на Белгија, Сами Мади, кој одбива, заедно со десничарските партии во владината коалиција, да преговара за штрајкувачите.
Авторите сметаат дека државниот секретар држи законски формалистичка позиција која е неприфатлива.
-Ова овозможува да се премолчи фактот дека Белгија (и Европската Унија пошироко) ја “произведува“ нерегуларноста на мигрантите. Има 150 илјади луѓе кои живеат и работат во Белгија без документи. Оваа масовна нерегуларност е предизвикана од намерни јавни политики. Европските држави драстично ги намалија легалните канали за имиграција. Тие охрабрија рестриктивни и арбитрарни практики во нивните администрации, заострувајќи ги условите за обновување на правото за привремен престој, што втурна бројни мигранти во нерегуларна состојба. Тие ја екстернализираа деликатната задача на контрола на границите на трети земји, кои многу малку се грижат за благосостојбата на мигрантите, како Турција и Либија, пишуваат десетици меѓународно познати личности.
Обединетите Нации исто така испратија низа препораки до белгиската влада за воведување јасни критериуми за мигрантите.
Освен Вотерс, Лоуч и Чомски, писмото е потпишано и од личности како кинескиот дисидент, Аи Веи Веи, грчкиот режисер Коста Гаврас, феминистката Џудит Батлер, или пак оперската пејачка Барбара Хендрикс.