Европската комисија (ЕК) изрази загриженост во врска со некои аспекти на владеењето на правото во Словенија, која во моментов претседава со ЕУ, а опозицијата тврди дека ситуацијата во земјата под власт на премиерот Јанез Јанша е влошена.

Во Извештајот за владеењето на правото во Европската унија се истакнува доцнењето на Словенија во процесот на назначување обвинители во новоформираното Европско јавно обвинителство, мешање во работата на независните медиуми и престанок на финансирањето на словенечката новинска агенција СТА.

Извршното тело на ЕУ вели дека вознемирувањето и заплашувањето на новинарите преку социјалните медиуми е загрижувачки феномен и потсетува дека голем број меѓународни асоцијации веќе предупредија за опаѓачката финансиска позиција на националната новинска агенција.
Потпретседателката на ЕК, Вера Јурова, одговорна за европските вредности и транспарентност, во вторникот во Брисел рече дека ЕК очекува владата да обезбеди стабилно финансирање на СТА и новинарите да работат непречено.

Комесарот на ЕК за кризни состојби и цивилна заштита, Словенецот Јанез Ленарчиќ рече дека Владата не треба да го условува финансирањето на новинската агенција со нејзиното влијание врз уредничката политика.

Опозициските социјалдемократи соопштија дека извештајот потврдува дека ситуацијата се влошува и дека Владата на Јанша е одговорна за тоа, нешто за што долго предупредувале.

Словенечкото Министерство за надворешни работи објави дека добро ќе го проучи извештајот и дека Словенија, како земја-претседавач со Советот на ЕУ, активно ќе учествува во натамошната дискусија за тоа што е наведено во него.